Душица Андоновска за престојот на Малдиви: „Во водата имаше бебиња ајкули, а љубезноста на персоналот беше неверојатна“
- Детали
- вторник, 20 јули 2021
Кратко по свадбата архитектката Душица Андоновска со својот сопруг хрватскиот репрезентативец и поранешен ракометар на Вардар Игор Карачиќ отиде на одмор на Малдиви … „Во вода имаше baby sharks постојано, тие се мали ајкули со големина од 20/30 сантиметри и не се опасни за луѓето, но навечер во еден дел од ресортот знаеше да се појави и некоја со големина од 60/70 сантиметри што беше интересно за гледање …“, раскажува таа.
Душица Андоновска, по професија архитект, Малдиви ги посети од крајот на јуни до почеток на јули, вкупно со пат 12 дена со пат, поточно 10 вечери таму. Нејзините фотографии оттаму говорат повеќе од зборовите. Тие се вистински доказ дека Малдиви дефинитивно се рај на земјата.
Таа ја посети оваа егзотична дестинација со својот сопруг хрватскиот ракометар Игор Карачиќ, со кого се запознале додека играл за клубот Вардар.
За нивниот престој таму Душица споделува за CRNOBELO.com:
Кога ќе се спомене Малдиви прво на ум ни паѓа дека тоа е рајот на земјата? Кој ти беше првиот впечаток по пристигнувањето таму?
Првата помисла кога слетавме на островот беше токму тоа – рај на земјата. Првиот впечаток е неверојатен, тиркизна вода, бел песок, палми насекаде, но нешто што ми остави силен впечаток освен природата беше гостопримливоста и љубезноста на персоналот кој таму работи.
Обично кога одите на одмор персоналот генерално е учтив затоа што тоа му е работа, но овде е поинаку, љубезноста и желбата да ве угостат доаѓа од нив самите, едноставно луѓето се такви. Како минуваат деновите човек се навикнува на глетката, но впечатокот станува секој ден се посилен.
Како изгледаше патувањето дотаму? Имаше ли некакви рестрикции?
Патувањето зависи од тоа од каде летате и која конекција ви е достапна во тој период од годината и со која компанија патувате.
Ние конкретно летавме од Сараево, преку Дубаи, па Мале. Летот од Сараево до Дубаи траеше 4 ипол часа, додека од Дубаи до Мале траеше околу 5 ипол часа. Во Дубаи имавме 4 часа чекање што се покажа како супер конекција, бидејќи аеродромот во Дубаи е огромен и ви треба доста време да стигнете на вашиот терминал и да ги завршите сите процедури кои ги бараат, пред да се качите на авион за Мале.
Кога стигнавме во Мале имавме краток лет со „sea plane“ или авион кој полетува и слетува на вода и тоа беше најинтересниот дел од патувањето. Станува збор за мал авион со капацитет од 9 патници кој лета релативно ниско што ни овозможи во текот на летот да видиме многу други острови.
Во однос на рестрикции (кои често се менуваат) мора да имате негативен тест и „health declaration code“ за да ви дозволат да се качите на летот за Мале, ние иако бевме вакцинирани едноставно тоа не го земаат предвид и ви бараат негативен тест. Истото важи и за враќање независно што вашата држава на пример не бара негативен тест.
Во каков тип на сместување беше? Дали Малдиви навистина е инстаграмџиски рај?
Бевме сместени во вила на самата плажа и мене лично овој тип на сместување ми се допаѓа повеќе од вила на вода, иако секое од двете си носи свои предности и нема многу разлика во цените.
Со самата вила имавме своја приватна плажа и вилите се така поставени што иако ресортот беше со исполнет капацитет не можете да добиете чувство дека е полно со луѓе што мислам дека е еден од квалитетите што ресортот ги нуди.
Будењето на плажа и пиењето на првото кафе со тој поглед мене ми беше една од омилените работи кои овој одмор ни ги овозможи. Малдиви е инстаграмџиски рај, дури и за некој како мене кој не постира многу често. Не треба да сте фотограф за да имате добра слика, едноставно таму поради природата сите слики се убави.
Што те разочара на островот? Кои делови од него не ти се допаднаа?
Не постои дел од островот кој ме разочара. Ресортот е всушност самиот остров и доколку станува збор за малку поголем ресорт тогаш овде има сè што човек може да посака. Во однос на храна ресортот имаше 7 ресторани со различен вид на храна и 4 барови, така што сечиј вкус во однос на храна и пијалаци ќе биде задоволен.