Сања Коцева: „На Бали нема јавен превоз, а и 20 дена се малку за сѐ да се види – островот е рај“
- Детали
- вторник, 11 мај 2021
„Бањање во када со цветови, оризови полиња, луѓе со топли срца – Бали е остров што не се опишува... Првите километри поминати во таксито од аеродромот кон хотелот ми оставија впечаток дека се наоѓам во еден нов свет. Храмови на секој чекор, статуи од богови, дарови од овошје за боговите поставени насекаде по улиците беа знак дека нè чека интересна авантура“, раскажува 28-годишната Сања Коцева од Штип.
Сања Коцева (28) од Штип, докторка по професија, е вистинска вљубеничка во патувањата.
Досега ги има посетено: Норвешка, Шпанија, Малта, Холандија, Германија, Чешка, Турција, Италија, Унгарија, Романија, но најголем впечаток од сите патувања досега ѝ има оставено одморот на Бали.
За CRNOBELO.com таа ги пренесува своите впечатоци оттаму:
Зошто токму Бали како дестинација за одмор?
Тропските дестинации отсекогаш ми го привлекувале вниманието. Се одлучив за Бали бидејќи за разлика од другите места кои нудат само убави бесконечни плажи и вода, Бали изобилува со многу природни убавини и традиција.
Во кој период од годината беше таму и кој период мислиш дека е најдобро да се посети Бали?
Климата во Бали преку целата година е благопријатна, но поделена е на сезона на дождови и сува сезона. Сезоната на дождови е од октомври до април и најчесто туристите ги избегнуваат овие месеци.
Ние го посетивме Бали во август. Тогаш е туристичка сезона и времето е доста топло. Добри месеци за посета се исто така и мај, јуни и септември.
Колку чини патот дотаму?
Трошоците за пат секако многу зависат од тоа со која авиокомпанија летате, во кој период од годината патувате, колку навреме го резервирате летот.
Ние летавме со Qatar Airways на релација Скопје-Доха-Бали. Летот го резервиравме неколку месеци пред патувањето и патувавме во период кога е висока туристичка сезона.
Картите чинеа 1.200 евра од лице, секако со 25 килограми чекиран багаж.
Првиот впечаток по пристигнувањето …
Во првите неколку минути од моето пристигнување веднаш сфатив зошто Бали го нарекуваат „островот на боговите“.
Првите километри поминати во таксито од аеродромот кон хотелот ми оставија впечаток дека се наоѓам во еден нов свет. Храмови на секој чекор, статуи од богови, дарови од овошје за боговите поставени насекаде по улиците беа знак дека нè чека интересна авантура.
Како би ги опишала локалците?
Жителите на Бали се една од причините поради која повторно би се вратила таму. Топли, пријатни, секогаш насмеани, благодарни, културни, се само мал дел од карактеристиките со кои се одликуваат овие луѓе.
По религија се Хиндуисти (90% од населението), многу се побожни и веруваат во добри и лоши богови. Воопшто не ги интересираат матeријалните работи, сите се слично или исто облечени во традиционални облеки. Градење кариера, скапи телефони, скапи автомобили не се дел од нивниот живот. Живеат едноставно и среќно.
Какви се цените? Цена на коктел на плажа на пример? Дали се плаќа лежалка?
Плажите на океанот се слободни и на нив нема лежалки, додека ресортите нудат дневни влезници (50-100 евра) во која е вклучено лежалка, пиење и храна.
Цената на коктелите се движи околу 10 евра, кафето 2 евра, додека целосен оброк во ресторан за двајца чини околу 25 евра.