Мартина Митовска: „Се вљубив во Мексиканец, живеам на една од најубавите туристички дестинации во светот“
Какви се локалците во поглед на љубовните врски, работата, пријателствата? Во што се разликуваат од нас?
Врските се многу релаксирани, нема притисок ни љубомора, пристапот е доста романтичен и заведувачки. Самите танцови салса, бачата, кумбија… се многу припиени и жешки.
Врските се опуштени до тој степен што повеќето од паровите живеат заедно и имаат фамилија без да склопат брак, одлучуваат да бидат заедно и да останат заедно затоа што сакаат, а не затоа што имаат склопено брак и имаат деца.
Што ти се допаѓа најмногу таму? Има ли навистина рајски плажи?
Плажите и храната. Има бескрајни плажи без хотели и бич клубови со памучно бел песок, тиркизно море и беспрекорен морски свет. Мојата омилена е Шпу Ха што се наоѓа на автопатот Плауа-Тулум.
Како изгледа еден ден на жителите во местото каде си стационирана?
Потсетува на студентски живот. Се будиш мамурен, одиш на фитнес или плажа час два, се работи од 7 до 10 часа на ден (место на предавање кога си студент) и навечер се собираш со другарите на пиво и муабет.
Викенди се оди на кампување или се собираш на скара со фамилијата.
Дали има и други Македонци таму?
На почетокот кога дојдов само успеав да најдам една госпоѓа што веќе 30 години живее во Мексико Сити и мислев дека сме само ние двете. И пред три недели случајно запознав еден Македонец кој живее во мојот град веќе 5 години, преку кого запознав уште четворица Македонци. Така што веќе сме мнозинство. Сите сме екс бродари заљубени во Мексиканци.
Кои се негативните страни на животот во Мексико?
Лично за мене единствена негативна страна е далечината што ја имам со мојата фамилија, временската разлика и тешкотијата да одржуваш постојан контакт. Остатокот се работи што ги има во секоја држава.
Кој е најдобриот период за да се посети Мексико?
Април, мај и јуни дефинитивно. Јули и август се премногу топли и влажноста на воздухот стигнува до 98 проценти.
Што консумираат најмногу од храна и пијалаци?
Тако од сѐ и сешто и пиво.