Драгана Стефаноска живее во Шведска: „Дојдов како бебиситерка, тука добив два сина, но државата веќе не е како порано“
- Детали
- среда, 15 јануари 2025
„Хигиената во градот кај нас (Кристианстад) не е како некогаш. Дојдоа многу мигранти. Порано не можевте да видите отпушок од цигара надвор, а сега е ужас, како да сте во друга држава, а не во Шведска. На сите страни се слуша арапски јазик. За жал, Шведска не е како некогаш“, вели Драгана Стефаноска (42) која 24 години живее во Шведска, добила 2 сина таму и има свој бизнис.
Драгана Стефаноска (42) од Скопје живее во Шведска од 2001 година. Таа отишла за да ги чува децата на нејзиниот брат, но таму останала во име на љубовта.
Денес, таа има два сина, на возраст од 16 и 20 години, и свој бизнис – клиника за третмани на тело и лице, која се вика „DS Clinic“ и моментално вели дека е една од најпознатите во Шведска од овој тип. Нејзин дом е градот Кристианстад.
Драгана често патува и на својот Инстаграм профил, каде има повеќе од 38.000 следбеници, споделува детали оттаму.
Драгана вели дека наскоро планира да понуди приватни курсеви за убавина и во Македонија, затоа што смета дека ова е една од најбрзорастечките индустрии во светот.
Курсевите би опфаќале најразлични модерни методи за убавина и ќе понудат стекнување на врвни вештини, вели таа.
Драгана се има натпреварувано и во избор „Бикини фитнес“ пред неколку години, но прекинала со бодибилдингот, иако вели дека никогаш не се знае и можеби ќе стапне на сцената повторно.
За CRNOBELO.com таа ни доловува како изгледа животот во Шведска:
Зошто токму Шведска? Од каде оваа идеја и колку години живееш таму?
Дојдов во 2001 година во Шведска како дадилка, за да ги чувам децата на брат ми.
Но, тука останав да живеам поради љубовта.
Се снајде ли лесно на поле кариера? Колку е тешко да се успее таму?
Успех може секој да постигне – само ако сака. Јас сум таква личност што никогаш не сум задоволна со кариерата и тоа прави да се ангажирам уште повеќе и да постигнувам сè повеќе.
Те прифатија ли добро локалците? Колку имаш пријатели Швеѓани?
Пријатели имам од секоја нација, но тука секој повеќе е фокусиран на својот дом, семејство и кариера.
Тешки ли се во периоди од годината студените зими и мрачните денови?
Кратките и мрачни денови се најтешки и здодевни. Тоа трае од почетокот на декември, па до средината на јануари.
Климата е променета, не е како некогаш да има многу, многу снег и да е 15 Целзиусови степени под нулата.
Тука е преубаво во периодот околу Нова година, кога сè е накитено и атмосферата е сосема поинаква.
Но, кога станува збор за другите празници кои ги славиме во Македонија, тука кога ги славиме не е иста атмосферата.
Има ли многу Македонци? Се дружите ли?
Со годините како да стануваме сè поладни и подалечни. Јас мислам дека секаде во светот е така, па дури и во Македонија.
Не е исто дружењето како порано, не е иста близината. Македонци, Швеѓани или други нации, без разлика.
Некогаш било Македонец со Македонец, денес ситуацијата е таква што треба да бидеш среќен ако пронајдеш една „нормална“ личност за пријателка/другарка.
За жал, сè е променето.