Маринела од Прилеп го посети Мексико: „Шишенце вода на плажа е 10€, пирамидите во Чичен Ица се волшебни“
Имаше ли можност да комуницираш со локалното население? Какви беа тие?
Луѓето беа многу пријатни и се многу топли како народ.
Имаше некои кои нè прашуваа од која држава сме и каде се наоѓа таа.
Многупати слушнавме пофалби, бидејќи гордо го носиме македонското знаме секаде со нас.
Проба ли традиционална храна, некој специјалитет што го нема кај нас? Или некој пијалак специфичен за тоа поднебје?
Храната беше преубава, посебно тортиљата која е многу позната насекаде и телешкиот стек.
Цезар салатата не беше иста како кај нас, и мора да признаам дека беше многу поубава таа што ја јадев во Мексико од нашата.
Најинтересен вкус ми имаше мексиканската салата која беше со парче лубеница, сос и рендана зелка, а тука беше и супата со кашкавал, нешто што никогаш порано не сум го јадела, а беше многу убава.
Што се однесува до пијалаците, наутро најчесто пиевме Мимоза и Палома.
Но, потоа беше време за текила. Пробав многу видови текила - обичната, шприц текила, текила со манго, која лично мене ми беше најдобра и најубава.
Ја посетивме и фабриката за текила, каде што имавме дегустација на 15 видови текила.
Мeѓy нив ја имаше и текилата со црв, која е атракција.
Но, пробав и темно пиво со доматен сос и не го препорачувам.
Мора да напоменам и дека е многу скапо на плажите, посебно во Тулум.
Таму бевме на плажата Playa Pescadores, која е многу убава и има убав бел песок, но едно мало шише вода беше 10 евра, а коктелите се движеа од 15 евра нагоре.
Раскажи ми малку подетално за посетата на Чичен Ица и пирамидите на Маите...
Чичен Ица е местото кое ми остави најубав впечаток со неговата историја.
Кога стигнавме таму водичот ни раскажа многу интересни приказни за овој политички и културен центар на Маите, кој се наоѓа во северниот дел на полуостровот Јукатан.
Во моментот тој е под заштита на УНЕСКО, а од 2007 година е прогласен за едно од седумте светски чуда на Новиот Свет.
Тука, низ годините, и со многу археолошки ископувања, биле откриени големи архитектонски споменици на Маите и Толтеките - храмот Кукулкан кој е 9-катната пирамида (висока 24 метри) со широки столбови на секоја од страните; храмот на војните, храмот на јагуарите; опсерваторијата Каракол; 7 стадиони за игри со топка; рушевини на 4 колонади кои образуваат огромен правоаголник, и друго.