Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“
- Детали
- четврток, 07 март 2024
„Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе - од возење на скутер во хаосот по улиците во големите градови, до пробување улична храна што изгледа доста сомнително“, открива Ивана Угриновска за CRNOBELO.com.
Ивана Угриновска од Скопје по професија е дигитален маркетер, и неколку месеци патува низ Азија, а паралелно и работи за компанијата во која е вработена.
Нејзината решеност да излезе од комфор зоната и да се внесе во улога на дигитален номад ѝ овозможи животно искуство кое засекогаш се памети.
Во продолжение следува разговор со Ивана која ни открива за нејзиното азиско патешествие и сите детали од сложувалката на оваа патување.
Ивана веќе по вторпат си на Тајланд, а и годинава си решена да ја уживаш егзотиката на Азија. Кои се главните причини што се одлучи за овие дестинации кои ти овозможуваат патување, но и работење онлајн?
За работење онлајн од некоја дестинација добив желба за време на пандемијата затоа што работев од дома помеѓу 4 ѕида и сакав да сум каде било, само не дома.
Азија отсекогаш ми била дестинација што сакам да ја посетам заради преубавите плажи и културата, а исто така е и релативно евтина дестинација за истражување споредено со други земји познати за дигиталните номади и начинот на кој тие живеат.
Толку убаво си поминав лани, што оваа година решив повторно да дојдам и да патувам подолго и да посетам повеќе дестинации.
Кои културни разлики и промени најмногу ти влијаеја по пристигнувањето на Тајланд и општо во Азија?
Азија е друг свет и можеби не е за сечиј вкус. Има ресорти, луксузни ресторани со врвна храна и има луѓе што само така ја доживуваат Азија и дури и не ја пробуваат локалната храна.
Секој сака да ужива во луксузни ресторани и хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од она што го има тука.
Од возење на скутер во хаосот по улиците во големите градови како Бангкок или Ханои, пробување секаква локална и улична храна што изгледа доста сомнително и под наши стандарди за чистота, спиење во традиционални бунгалови покрај плажа, до тон други работи што ги нема во Европа.
Каква е заедницата на дигитални номади на Тајланд?
Тајланд е една од најпопуларните дестинации за дигитални номади и насекаде има „coworking places“, комбинација на „coworking“ и „coliving places“, во понудата на хостели и хотели често вклучува простор за работа и добар интернет, а има и голем избор на барови и кафулиња каде што може да се работи.
Најчесто среќавам програмери и инфлуенсери, но има и дигитални маркетери како мене.
Имаше ли моменти кога се чувствуваше целосно излезена од комфор зоната?
Скоро цело време поминато тука се чувствувам надвор од комфор зоната заради големата разлика во културата, храната и начинот на живот.
Лани на Тајланд првпат научив да возам скутер и истиот ден возев сама низ џунгла за да одам на забава во 3 по полноќ.
Во Виетнам првпат научив да возам мотор со брзини и извозев 300 километри низ планини за 2 дена. Има доста вакви авантури што се случуваат само кога ќе излезеш од комфор зоната и јас лично уживам во тоа.
Како го балансираш секојдневието со работните обврски додека се соединувате со живописната култура и традиција на Тајланд?
За мојата работа треба да се усогласам со 2 временски зони затоа што имам виртуелни состаноци со колегите во Скопје и со клиенти од Америка, а во азиска временска зона тоа време е од 4 попладне до полноќ, или од 5 попладне до 1 по полноќ.
Тоа значи дека имам пола ден да го поминам на плажа или на полудневна тура и викендот ми е слободен за забава и истражување на местото каде што сум во моментот.
Мене ми е совршен начин да се скокне ладната зима кај нас и да се истражат убавините на Азија.
Како се снаоѓаш со интернетот? Имаше ли проблем со интернет конекција?
Засега не сум имала поголеми проблеми со интернетот, а како „back-up“ имам локална сим картичка со брз интернет.
Со оглед на тоа што работам и патувам, гледам сместувањата да имаат добра конекција и простор за работа.
Имаш работено на различни места и локали, но кои од нив ти беа најинспиративни до сега?
Најомилени места ми се барови покрај плажа, а би издвоила и руфтоп бар со базен со прекрасен поглед на Бангкок.