Вирџинија Ристеска за патувањето во Ерменија: „Храната е поевтина од кај нас, автобуска карта чини 15 денари“
Научи ли некои основни ерменски фрази и зборови што ги користеше за време на твојата посета?
Каде и да одам, секогаш ги прашувам локалците за 3 основни фрази: здраво, благодарам и пријатно. Па така, здраво на ерменски е „барев“, пријатно е „цтесуцун“, додека чао е само Ц (логично јас се одлучив за вторава варијанта), а зборот за благодарам е толку комплициран и не го запаметив, што и тие самите многу често го користат француското „Merci“.
Ерменскиот е доста комплициран јазик, имаат и своја азбука со 38 букви и е едно од најспецифичните писма кои сум ги видела.
Се сретна ли со некои необични обичаи и традиции што посебно се издвојуваат во твоето патувачко искуство?
Гостите во Ерменија се сметаат дека се дар од Господ, па оттаму и нивната неверојатна гостопримливост спрема туристите.
На 14 февруари не слават Трифун, ниту Валентајн, туку нивен светец наречен Св. Саргис кој е ерменскиот заштитник на љубовта и младоста.
Па, во негово име, ноќта на 14.02 Ерменците кои немаат партнер јадат посебен солен бисквит и не пијат вода. Легендата вика дека ќе си го сонуваат идниот партнер кој ќе им донесе чаша вода за да им ја згасне жедта.
И, интересен факт што го научив за Ерменија е дека шахот е задолжителен предмет во основно училиште како одличен начин за развивање на логиката. Не е ни чудо што имаат толку успешни светски шахисти, почнувајќи од светскиот првак Гаспаров.
Како се движат цените во Ерменија?
Зависи за што. Храната е приближно како кај нас, дури и би рекла за нијанса поевтина, кафето исто, додека цена на автобуска карта е само 100AMD, што е 15 денари. Таксито им е доста евтино, имаат и GG апликација, нешто слично на Uber и Bolt каде што пример од една до друга страна на Јереван нè чинеше 1.200 AMD, односно 150 денари, а до аеродромот кој е оддалечен 14km од градот, околу 350-400 денари.
Имате и градски автобус до аеродромот на секоj пола час кој проаѓа од центарот и чини само 30 денари. Во суштина, Ерменија воопшто не е скапа земја за посета.
Ерменската кујна е позната по своите уникатни вкусови. Кое беше највкусното јадење што го вкуси таму и проба ли да подготвиш некој ерменски специјалитет откако се врати во Македонија?
Ерменската кујна е слична со турската, грчката и либанската. Па така, хумус, ќофте, скара и лахмаџун се дел од локалната кујна. Најпознати се по својот заштитен од УНЕСКО лаваш леб, мек, тенок како хартија и долг како мало ќебенце, што потоа се сече на еднакви коцки и се продава на куп, како и долма – сарми мотани во лозов лист кои ги пробав во еден од најпознатите ресторани во Ереван „Лаваш“ и беа превкусни.
Како втора земја во светот која почнала со производство на вино, одма после Грузија, не морам да ви кажувам колку е добро тука виното. Калинката е национално овошје, а вкусот на црвеното вино од калинка кое го пробав ќе го памтам уште долго.
Имаше ли можност да истражуваш локални населби и истовремено да се впуштиш во интеракција со локалците?
Секако дека да. Ерменците се едни од најфините и најтоплите луѓе што сум ги запознала и страшно љубезни и гостопримливи спрема странците. Дури и оние кои не зборуваат англиски прават сè за да ти објаснат или помогнат.
Среќа сите зборуваат руски, кој колку толку го разбирам и можам да фатам некој збор, па често знаев да им кажам да се обидат да ми одговорат на руски, надевајќи се дека барем нешто ќе разберам.
Од секое патување учиме по нешто. Што те научи ова патување во Ерменија?
Дека кога одиш некаде без очекувања, си поминуваш најубаво. И, дека големите луѓе стојат исправено и по најголемите порази и дека како човештво, ништо не учиме од историјата.
Во ерменскиот геноцид во 1915 година од страна на Отоманската Империја која ја губела моќта и веќе се повлекувала од ерменската територија имаат загинато меѓу 600.000 и 1.5 милион луѓе, точната бројка е до денес непозната.
Поради тоа етничко чистење, огромен број Ерменци се раселени по светот и Ерменија денес е земја која има поголема дијаспора отколку Ерменци што живеат во самата земја. Истата таа Ерменија, денес се соочува со истиот проблем како пред 100 години, само од различен окупатор...
Ерменците и покрај цела таа колективна траума, се едни од најљубезните и најпријатните луѓе кои ги имам запознаено.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело