Вирџинија Ристеска за патувањето во Ерменија: „Храната е поевтина од кај нас, автобуска карта чини 15 денари“
- Детали
- вторник, 19 декември 2023
„Ереван е мал и нема некои атракции како големите европски градови како Париз и Рим, но е жив, весел, со полни ресторани и кафетерии. Локалците сакаат да излегуваат и да се дружат. Гостите и туристите ги гледат како дар од Бог“, вели Вирџинија Ристеска за патувањето во Ерменија.
Патувањето е дел од нејзиниот живот, а секој нов печат во пасош за неа претставува уште едно искуство и можност да се спознае таписеријата на светот.
Додека Вирџинија Ристеска од Скопје го подготвува следното патешествие, таа одлучи со нас да ја сподели авантурата во Ерменија.
Во продолжение следува разговор со Вирџинија која на умешен и сликовит начин ни ја доближува оваа земја со богата историја и култура.
Вирџинија неодамна се врати од едно необично патување. Што најмногу ти го привлекуваше вниманието за да ја посетиш Ерменија?
Сакам земји каде што повеќето што ги знам не биле или што не се инста-популарни. Кога видов дека Wizz Air летово отвори линија од Софија до Ереван, Ерменија, земјата за којашто знаев дека прва го прифатила христијанството како официјална религија, ги има едни од најдобрите вина и богата културолошка историја, знаев дека морам одма да ја посетам.
Кои специфични аспекти од ерменската култура и традиција сакаше да ги доживееш?
Отидов во Ерменија без многу знаење за земјата и без многу да истражувам како што обично правам, посебно бидејќи беше последната земја од моето 36-дневно патешествие низ 10 земји. Знаев за ерменскиот геноцид, дека се прва христијанска земја, поранешна република во СССР, но ништо повеќе од тоа.
Она што ми остави впечаток во однос на ерменската култура и традиција неминовно е правењето на традиционалниот ерменски леб – лаваш, како и многубројните манастири стари повеќе од 10 века распрскани низ земјата, кои дури и нерелигиозни луѓе како мене не оставаат рамнодушни.
Џагорот во Ереван на крајот на летото и децата што се прскаат и забавуваат во многубројните фонтани низ главниот град и нивната заразна смеа и радост се нешто што ќе одекнува уште долго во мојата глава.
Кои културни и историски знаменитости успеа да ги посетиш во Ерменија?
Покрај главниот град Ереван и неговите најпознати знаменитости: Каскадата, статуата на Мајка Ерменија, Плоштадот на Републиката и пазарот Вернисаж, бев и до езерото Севан – најголемото природно езеро на Кавказ, манастирот Севанаванк од каде го имате најубавиот поглед врз самото езеро со нереална тиркизна боја поубава од море, манастирот Гегард, храмот Герни, Симфонија на камењата – чудо на природата создадено од базалт во форма на цевки, високи преку 100m што потсетуваат на оргули, па оттаму и името, потоа Националниот парк Дилиџан или ерменската Швајцарија како што го нарекуваат, како и манастирот Агарцин, опколен со неверојатно зеленило.
Како би ја опишала целокупната атмосфера во Ереван?
Ереван ми беше пријатно изненадување. Градот е мал и нема некои атракции како големите европски градови како Париз и Рим, но е жив, весел, со полни ресторани и кафетерии. Локалците сакаат да излегуваат и да се дружат.
Прво имав чувство дека е викенд, па затоа е сè полно, но истата глетка ја искусив и преку недела во работен ден. Од април до октомври, кога работи музичката фонтана во Плоштадот на Републиката, се чини како цел град да излегол да ја искуси оваа магија.
Градот зрачи со топлина и позитивни вибрации и ми беше најубавото изненадување и најпријатното место на ова патување.
Ерменија е позната и по своите пејзажи. Кои природни чуда те воодушевија за време на патувањето?
Езерото Севан е дефинитивно нешто што ќе го споменувам уште долго време. Таква нереална тиркизна боја на вода имам видено само на грчките острови и морам да признаам дека не можев да му се изнагледам.
Среќа секогаш и секаде си носам костим за капење – за секој случај – па не одолеав, а да не влезам и да не пливам во тој магичен тиркиз.
Симфонија на камењата е второто природно чудо што ме остави со подзината уста и глетка што ја имам искусено единствено на Исланд.
Симфонија на камењата – еден од најпознатите и најубавите природни споменици на Ерменија. Што го прави посебно ова место кое настанало од колапс на вулкански карпи?
Грандиозноста и совршената симетрија на камењата од двете страни на патеката те прават да се чувствуваш толку мал наспроти природата и нејзината моќ.
Истото чувство кое го имате кога пред вас ќе се појави моќна планина, па се восхитувате на нејзината големина, истовремено чувствувајќи се како парче прашинка во овој голем прекрасен свет. Убав потсетник за сите нас за моќта на природата.
Го посети и езерото Севан, најголемото слатководно езеро на Кавказ. Што сè успеа да видиш на оваа екскурзија?
Беше крај на летото така што денот беше долг, па во еден ден успеавме да споиме неколку места што обично се одат во два дена доколку се одлучите за тура преку агенција.
Има и доста превозници што нудат тури низ цела Ерменија, скроени според вашите желби.
Не сакам кога имам лимитирано време за да видам нешто, па успеав да соберам група од 5 (убавината кога спиеш во хостел) како би изнајмиле мини-комбе и освен езерото Севан и манастирот Севанванк, успеавме во ист ден да ги посетиме и Симфонија на камењата, храмот Герни, манастирот Герард, градот Дилиџан и манастирот Агарцин.