Бранко Илиески за патувањето во Норвешка: „Ја посетив најсеверната точка во Европа, тука јадат многу леб“
- Детали
- вторник, 24 октомври 2023
„Фјордовите се нешто навистина прекрасно за гледање. Крстарејќи помеѓу нив останав без здив. Невидена убавина, нешто што мора да се доживее и почувствува со свои сетила. Во Лофотен имав можност да се запознам со локалците кои живеат скромен живот, ми раскажаа како нивните деца и внуци си играат во снег и на мраз, за Северната светлина, за тоа како ја поминуваат зимата и колку често покрај огниште си раскажуваат приказни едни на други“, вели Бранко Илиески за CRNOBELO.com за неговото патување во Норвешка.
Бранко Илиески од Битола кој веќе со децении живее во Австралија неуморно го истражува светот. Секоја нова земја претставува дополнителна радост за него, секоја нова авантура е приказна што со задоволство ја прераскажува.
Бранко за CRNOBELO.com споделува искуства од неговото патување во Норвешка, како едно од неколкуте патешествија кои ги имал во последните месеци:
Бранко, што те инспирира да ја избереш Норвешка? Со какви очекувања замина на оваа патување?
Заминав со очекувања да видам и почувствувам што е можно повеќе работи и искуства што ја дефинираат оваа земја.
Од легендите за викинзите, преубавите фјордови, па сè до планини со водопади, полноќното сонце, аурора бореалис…
Како изгледаше маршрутата на твоето крстарење?
Почнав да крстарам од Англија, па прво место ми беше Хаугесун, па потоа Ондалснес, Лофотенските Острови, Тромсе и Нордкап.
По овие места се вратив во Англија, каде патувањето го продолжив за Ирска, Исланд и Гренланд.
Норвешка е позната по природните убавини. Кои места те натераа да се чувствуваш посебно и те оставија без здив?
Можам да кажам дека сите места ми се допаднаа, посебно оние околу фјордовите, како и Ондалснес и Лофотен кои ме воодушевија со убавата природа и водопади.
Трондхејм е еден од поголемите градови во Норвешка. Како ти помина времето истражувајќи го овој град?
Да, тој е еден од поголемите градови во Норвешка, а сончевиот ден ми овозможи да го доживеам градот во целата негова убавина. Ме воодушеви катедралата, убава, голема, прекрасно изработена и однадвор и однатре.
Потоа, поминав преку мостовите од каде се гледа прекрасната архитектура на градот, како и убавите кафетерии наоколу.
Исто така, имав можност да се запознам со група млади локалци со кои поминавме доста време заедно и на крај завршивме во пивница на традиционално норвешко пиво.
Фјордовите се нераскинлив дел од Норвешка. Какво беше твоето искуство со посетата на нив?
Фјордовите се нешто навистина прекрасно за гледање. Крстарејќи помеѓу нив останав без здив.
Невидена убавина, нешто што мора да се доживее и почувствува со свои сетила.
Имаше можност да го посетиш Лофотен – архипелаг во северниот дел на Атлантскиот Океан. Како изгледаше целото искуство?
Лофотен претставува група острови и мислам дека е едно од најмногу фотографираните место во Норвешка.
Има сè во едно: високи планини со остри врвови, зеленило и синевина наоколу, богата со историја за викинзите, како и мали селца каде што живеат локалци и ловат риби.
Имав можност да се запознам со локалците кои живеат скромен живот, ми раскажаа како нивните деца и внуци си играат во снег и на мраз, за Северната светлина, за тоа како ја поминуваат зимата и колку често покрај огниште си раскажуваат приказни едни на други.