Салеп, грог, зачинето чоколадо - Топли пијалаци од различни страни на светот кои ќе ве згреат оваа зима
Зима е, ладно е, деновиве уживаме во снежната покривка и зарем може да помислите на нешто поубаво отколку топол напиток кој ќе ве згрее и опушти?
Ние Македонците најмногу уживаме во кафе, чај, топло чоколадо, греено вино, салеп, па може да се каже дека многу од традиционалните топли напитоци ширум светот веќе ги имаме прифатено.
Што би можеле да се напиете оваа зима, инспирирано од различните страни на светот?
Зачинето топло чоколадо – Xocolatl
Доколку ви е здосадено обичното топло чоколадо, овој богат напиток кој влече корени уште од времето на Ацтеките целосно ќе ве освои. Буквалниот превод на Xocolatl означува „горчлив напиток“. Наместо со шеќер, овој топол чоколаден напиток е зачинет со луто пиперче и има фасцинантен вкус.
Топла вода, сок од цитрусно овошје, шеќер, цимет и рум – Grog
Оваа неверојатна комбинација создава неверојатно вкусен алкохолен напиток како создаден за зима. Се подготвува стотици години наназад, а називот „Grog“ означува сè што е алкохолно во Австралија или кој и да е мешан пијалак во Шведска.
Салеп - Sachlav
Sachlav, salep, saloop–како и да го нарекувате, несомнено е еден од најомилените зимски пијалаци во ладната сезона. Овој кремаст и вкусен напиток има навистина оригинална состојка. Верувале или не, тоа е вид на орхидеја – Orchis.
Се собираат здрави и сочни подземни грутки од растението додека цвета, а подоцна се користат исушени и сомелени за подготовка на салепот.
Комбинација на топло чоколадо и еспресо – Bicerin
Овој италијански пијалак се состои од слој силно еспресо, слој топло чоколадо и полномасно млеко во мала шолја. Пијалакот не се меша, ниту пак се мати, едноставно се нанесуваат слоеви и се консумира со уживање. Наместо млеко може да се користи и полномасен крем.