Кај Магдалена дома: Уредувањето на ходникот ми е погодок, но подот во кујната ми е промашување (фото)
Немаме нешто што е нефункционално, непрактично, премало или преголемо - сè си има своја намена, па просторот не е натрупан со мебел и може слободно да „диши“. Тоа е би рекла позитивна страна на нашиот дом и така сметам дека сите треба да го уредуваат домот, со таа помисла.
На почетокот, сакав да ставиме драперии, ми изгледаа многу елегантно, но се предомислив и ставивме само завеси. Не згрешив, затоа што драпериите едноставно не одговараа и дополнително ќе му дадеа некоја тежина на просторот, а вака е баш прозрачно и светло.
Според мене, завесите и теписите/килимите прават огромна разлика во домот и без нив се губи топлината, па јас би ги препорачала во секој дом.
Како промашување би рекла дека е и тоа што на подот во кујната имаме комбинација од плочки и ламинат, а можеби би било подобро да е целиот под со плочки бидејќи така ќе биде полесен за чистење.
Во текот на пандемијата, со работењето од дома, имавме потреба од мала домашна канцеларија, простор за работа. Иако не ни е целосно средена, би рекла дека ни е вистински погодок.
Бирото е мало, но сосема доволно. Не е класично биро, туку полица од иверка со дрвени држачи. Иста таква, но помала ставивме и над него, како полица. Ѕидот е мое дело, обоен со црна акрилна боја. Со многу малку пари добивме супер простор.