Едноставност и елеганција: Мали совети за уредување на домот од Французинките
Парижанките и останатите дами во Франција се познати по својата беспрекорност во облекувањето и ноншалантност во однесувањето, а сето тоа изгледа толку привлечно и женствено од страна.
Не е ни чудо што сите жени бараат совети од нив, и тоа не само за модниот стил, туку и за животниот стил, убавината и стилот на уредување на домот.
Француските домови се класични, но со модерен амбиент. Сопственичките умеат да го спојат она што е естетски убаво со она што е функционално и практично.
Прочитајте неколку мали совети од Французинките кои ќе ви помогнат и вашиот дом да изгледа шик и елегантно:
Прифатете ги несовршеностите
Ниеден француски дом не е прецизно среден. Французинките уживаат во мала доза на креативен хаос и немаат потреба за совршено наредени полици со книги или малку оштетен дрвен стол.
Комбинирајте стилови
Романтичен или модерен дом? Зошто да не и двете? Француските дизајнери на ентериер немаат проблем во една дневна соба да стават винтиџ двосед и телевизор од најновата генерација. Тоа му дава посебен карактер на просторот.
Опуштете го просторот
Французите се познати по тоа што сакаат да се опуштат со чаша вино или некоја интересна книга. Тоа го пресликуваат и во нивните домови. Не купувајте бел кревет или мебел што лесно може да се оштети, бидејќи така ќе се чувствувате како цело време да треба да внимавате што правите.
Пронајдете рамнотежа помеѓу убаво уреден простор и простор во кој можете да се релаксирате.
Покажете ги вашите најдраги фотографии
Убаво е да сте опкружени со потсетници од вашите омилени патувања или незаборавни прослави со вашето семејство и пријатели. Французинките обожаваат да ставаат и стари предмети кои им припаѓале на нивните баба и дедо, или пак црно-бели фотографии од родителите.
Малку историја во домот ќе даде интересна нота на просторот.
Наметнете свои правила
Просторот во кој живеете е само ваш и таму треба да владеат ваши правила. Не ги следете слепо советите на дизајнерите за тоа колку слики треба да има на еден ѕид, или колку долги треба да бидат завесите.
Следете си го личниот вкус и нема да згрешите.
М. В. | Црнобело