7 нешта кои секоја девојка со стил ги има во домот
Доколку сте непокорна следбеничка на модата и трендовите, домот е вистинското место каде можете да ја пренасочите својата љубов, па, во согласност со вашите интереси, да набавите детали со кој ќе му дадете свој личен печат, но и неодолив стилски изглед.
За таа намена, ви претставуваме кои се седумте нешта кои задолжително треба да се најдат во вашиот животен простор:
1. Впечатлива подна лампа
Без оглед на тоа дали домот е со мала или голема површина, сигурно постои одреден агол кој можете да го украсите со голема, впечатлива подна лампа. Една од опциите е да ја поставите во близина на креветот, па покрај тоа што ќе имате доволно светлина за читање, ќе создадете и пријатна атмосфера во спалната соба. Па, дури и романтична, зошто да не? Кога просторијата е осветлена на овој начин, таа автоматски изгледа поубаво и оддава впечаток на удобност и комфор.
2. Комплет перничиња
Покрај лампата која дискретно ќе го осветли вашето надглавје, креветот можете да го украсите и со симпатични перничиња, што ќе му даде сосема нова приказна на просторот. Не мора да бидат идентични, но може да бидат усогласени по боја или дезен, така што да не изгледа пренатрупано или премногу шарено како целина. Одново, сè зависи од уредувањето на остатокот од домот, како и тоа каква атмосфера имате намера да создадете.
3. Слики, слики, слики
Најдобар начин да ги украсите своите ѕидови (особено доколку се бели) се сликите. Одберете слики со јаки и живи бои, или, пак, црно-бели, во зависност од атмосферата на остатокот од собата. Доколку ја украсувате спалната соба, одберете слика од некое убаво место (пр. идиличен или урбан пејзаж), а доколку ја украсувате кујната или трпезаријата, вашиот избор нека биде адекватен на таа тема. Доколку не сте љубители на сликите, фотографиите со интересни рамки се одлична алтернатива.
4. Зеленило
Доколку ви остане уште некое празно катче, а лампата е веќе позиционирана, освежете го овој дел од домот со малку зеленило. Не мора да биде цвеќе. Доволно е да насадите собна зелена билка во саксија. Доколку, пак, не сте некој голем ,,експерт за билки’’, тогаш набавете си кактус, кој е мошне лесен за одржување, а подеднакво убав и декоративен.
5. Свеќи
Откако убаво ќе го средите домот, зошто не би му додале уште една преубава нота – мирис. Заборавете на класичните освежувачи на воздух, а наместо нив, одберете украсни, но миризливи свеќи и уживајте во своето ,,гнездо’’ со сите сетила.
6. Големо огледало
Која девојка не сака огледала?! Сепак, ако имате желба да му дадете посебен печат, одберете што поголемо огледало, со раскошна и уметнички изработена рамка, со што ќе биде совршен украс за домот и сите ваши другарки и гости ќе го обожуваат.
7. Полица со книги
Вљубени сте на читањето? Ќе се сложите дека дури и наједноставната полица со убаво подредени книги во разни бои изгледа декоративно и стилски. Ваквите полици можете да ги посветите или надополните и со вашите музички и филмски колекции, но и автентичните сувенири од минатите и идните патувања. Бидете свои и споделете ја вашата страст!
М. А. | Црнобело