На гости кај Елена: Стан од 170m2 на поткровје на Водно - огромна кујна и многу светлина (фото)
Сметам дека е грешка кога луѓето бегаат од темни бои при дизајнирање на просторот во кој живеат. Тука имате слобода да играте со детали и украси во живи и светли бои или пастелни нијанси како што јас употребив.
Ова можам со сигурност да го кажам затоа што претходниот стан во кој живеевме беше целосно дизајниран во бели, крем и сиви нијанси, и верувајте ми на зборот дека сега кога ќе влезат во новиот стан нашите пријатели кажуваат дека се чувствуваат многу попријатно и потопло од претходно.
Скоро целиот мебел мојот сопруг го нарача од Италија, а останатиот мораше да биде изработен по мерка, заради нестандардните димензии на овој стан, особено по вертикала. Со архитектката одговорна за изработка се запознавме и засакавме до толку што целиот процес со неа, но и мајсторите беше лесен, забавен и креативен.
Многу време и највеќе внимание посветив на кујната која е нетипично голема, можам да кажам огромна, исклучително внимателно дизајнирана, почнувајќи од фиоките до работната плоча од ламинам. Мојот сопруг сака да готви и отсекогаш посакуваше голема кујна, особено затоа што половина од денот тој и моите синови го поминуваат таму.
Шанкот зазема централно и многу важно место во станот. Сè уште немаме одбрано шанк столчиња со кои тој би се комплетирал, и тоа треба што побргу да го направам затоа што Максим и Габриел обожуваат да седат на шанк и имаат најразлични активности додека јас или мојот сопруг готвиме.
Дневната е топла и пријатна, со големи удобни троседи во кремасто сива боја и тепих со пастелни нијанси. Целосно е опкружена со прозорци.
Во едниот дел, под самите прозори, кој е мој омилен дел од станот, дизајнирав миндер со удобни јастуци каде додека седиме можеме да ги гледаме децата како играат во дворот на нашата зграда веднаш под прозорците.