На гости кај Наташа Мустафа: Викендичка изградена од камен во селото Ракитница (фото)
- Детали
- сабота, 09 јануари 2021
Наташа живее во Битола, но секој слободен миг со сопругот и синот го минува во нивната викендичка во близина на Демир Хисар со лулашка и мебел, кој го изработиле самите, вели дека тоа е нивната куќичка од соништата.
Наташа Мустафа (44) работи како фотограф, живее во Битола, но со семејството секој слободен миг го користи за да оди во нејзината викендичка во селото Ракитница, Демирхисарско.
Најчесто тоа е викенд, празници и слично. Вели дека некогаш може да се случи да отидат и преку недела, посебно ако им треба одмор, а на неа плус инспирација за фотографирање.
За уредувањето на нејзината викендица таа открива за CRNOBELO:
„Викендичката се наоѓа во селото Ракитница, Демирхисарско. Оттаму потекнува дедо ми по татко.
Откако станав мајка и сѐ почесто одевме во Ракитница во потрага по чист воздух, посакав да си направиме викендичка таму. На почетокот сите беа против, а сега сите се ЗА.
Сами со сопругот го нацртавме проектот за куќичката и сами ја уредивме подоцна. Изградена е од камен.
Дел од мебелот го изработивме сами, јас го дизајнирав, а го изработи сопругот.
Таков е случајот со кујната која е комплетно наш производ од идеја до реализација и малата масичка за пиење кафе.
Сами ги направивме и лулашката, масичката и клупата на верандата.