Во домот на Анета Димовска: Доминација на темни тонови и префинети детали (фото)
- Детали
- сабота, 31 октомври 2020
„Јас сакам мали нешта, чаша вино со сирење и добар муабет за емоции, желби, љубов и духовно опуштање. Повеќе сакам да сум дома и нешто сама да зготвам, отколку да одам во ресторани“, вели 39-годишната Анета од Скопје.
Анета Димовска (39) од Скопје е мајка, сопруга, вљубеник во фотографијата, но и во уредувањето на ентериерот.
Во нејзиниот дом доминираат темни тонови, деталите се внимателно избрани, најчесто поврзани со актуелните празници, и смета дека домот е единственото спокојно место каде можеме да се скриеме од сите животни бури.
Периодов во него доминираат украсите за Halloween.
За нејзиниот дом, но и животна филозофија, таа проговори за CRNOBELO:
„За мене луксузен живот не се авиони, бродови, станови, куќи, оние материјални работи што се купуваат за да импресионираш некој друг. Сето тоа нè води кон она, кој купил, што купил, кој заработил, колку остварил и слично што реално ни ја троши енергијата бесполезно.
Јас сакам мали нешта, чаша вино со сирење и добар муабет за емоции, желби, љубов и духовно опуштање. Не одам во скапи ресторани, повеќе сакам да сум дома и нешто сама да зготвам.
За мене единствен вистински луксуз е да си живеам по свои правила. Е тука, во нашиот дом, јас и моите најблиски си имаме свои правила и живот полн со љубов. Тука ние си ги поминуваме нашите таги, болки, радости, изненадувања…
Моја утеха се моите деца Димитри и Дариа, а единствен маж кој сè што ќе каже, а јас ќе го послушам е мојот сопруг Диме. Тој е мојата вера дека сè ќе биде како што треба.
Поради него ја променив и професијата. Учев медицина, но откако се запознав со мојот сопруг навлегов во нашиот семеен бизнис, фотографија, фото продукција и сè што е поврзано со фото студио.
Двете професии бараат исклучително голем талент за убаво, па оттаму веројатно ми се јавила и желбата за добро уреден дом. Не само во домот, секогаш и секаде сакам да сум тип топ организирана.
Идеите околу декорирањето и средувањето во домот се воглавно мои. Се водам од моите желби, ама желбата не менува ништо, одлуката менува сè. Нашиот дом е наш детокс на умот, срцето и е поважен од сè друго.
Кај нас кујната е главното собиралиште и таму се нашите „power“, оброци, меѓуоброци, ручеци…
За време на ручеците водиме долги разговори околу учењето, домашните, работните обврски … Потоа гледаме филмови, слушаме музика, играме карти, едноставно убаво ни е.
Ние сме семејство кое многу ги сака и празнува празниците. Без разлика дали се наши или не ние ги славиме. Па според празниците зависи и декорот во нашиот дом.