На гости кај Вера Калин: Впечатлив дом во Скопје обоен во зелено – сиви тонови (фото)
- Детали
- сабота, 17 октомври 2020
„Домот ми е комбинација од парчиња кои отсекогаш ми се допаѓале: катче за читање, отоман покрај прозорецот, висечки полици, кружни метални полици, а имам и околу 160 растенија“, вели 26-годишната Вера Калин.
Вера Калин (Верче Карафилоска) е 26-годишна девојка од Скопје, која работи како Conversion copywriter и маркетер преку ден, а како раскажувач и романописец ноќе.
Автор е на книгите „Бездомникот со златен часовник“ и „Ловци на светулки“.
Во нејзиниот дом доминираат зелено – сивите тонови и таа ни открива од каде идејата за уредувањето:
„Кога пред околу година и пол се иселив од кај моите родители за да си создадам сопствен дом. Пред себе имав бел лист на којшто можев да „насликам“ буквално било што.
Почнав со идеја да го уредувам домот во бохо стил, но брзо пропаднав во бесконечноста на идеи на Pinterest, па завршив со нешто сосем различно од она од кое тргнав.
Домот ми е комбинација од парчиња кои отсекогаш ми се допаѓале: катче за читање, отоман покрај прозорецот, висечки полици, кружни метални полици, „рамка“ од боја зад лежајот во спална, минималистичко козметичко катче, украсен мозаик од плочки и стакла многу цвеќиња и така натаму.
Јас сум од оние луѓе кои не сакаат празен простор и ѕидови, па сега голем дел од просторот е исполнет со најразлични детали во инокс-златна боја и многу, многу зеленило (во моментов во мојот стан домуваат околу 160тина растенија).
Сѐ во домот правевме сами со моето момче, па имавме огромна слобода и можевме да го уредиме со онакви парчиња какви што сакавме - освен тоа, тоа што сами го правевме мебелот ни овозможи да го уредиме домот комбинирајќи ги истите бои и материјали во сите соби.
Наскоро планирам да ги пополнам и последните два ѕида создавајќи ѕидна галерија - во план ми е уште од самото вселување и рамките ги имам, но сѐ уште не сум нашла време да ги одберам вистинските слики и принтови.