На гости кај Костадинка Лалкова во Кавадарци: Тераса на покрив со бар од природни материјали (фото)
- Детали
- сабота, 10 октомври 2020
„Станува збор за тераса која се простира на површина од 70 м2 во куќа во центарот на Кавадарци. Заради збиеноста на околните куќи ја немам привилегијата за убав поглед, па затоа вложив во дизајнот на мојата кровна градина“, вели креативната Костадинка.
Костадинка Лалкова (36) м-р по правни науки, работи како советник во Сектор за јавни набавки во општина Кавадарци, сопруга и мајка е на две деца, но секогаш пронаоѓа време за креативни проекти во својот дом.
Особено е горда на својата кровна тераса, кое е уникатно катче за релаксација направено од природни материјали. Има дури и бар.
Со неа проговоривме за уредувањето на нејзината тераса:
Дизајн на ентериер и екстериер е токму она што ме релаксира и го исполнува моето слободно време, дозволува да ја изразам мојата креативна страна, а е нешто комплетно различно и неповрзано со мојата професија.
Станува збор за тераса (кровна градина) која се простира на површина од 70 м2 во центарот на Кавадарци. Заради збиеноста на околните куќи ја немам привилегијата за убав поглед, па затоа вложив во дизајнот на мојата кровна градина.
Љубител сум на цвеќе, зеленило и убаво среден надворешен простор, па од таму идејата за убава и комфорна тераса. Од неа омилен дел на моите пријатели дефинитивно им е барот.
Терасата ја претворив во креативно и удобно катче, кое стана и функционален и естетски додаток на нашиот простор за живеење.
Боите, материјалите, мебелот и аксесоарите внимателно ги избирам и преферирам да се практични и отпорни на надворешните влијанија.