Минимализам и неутрални тонови: Во домот на Огнена од Скопје (фото)
- Детали
- вторник, 01 септември 2020
Нејзината баба била позната архитектка и автор на шалтер-салата на Македонска пошта, па не е чудно зошто 31-годишната Огнена има совршено уреден дом.
Огнена Костова (31) e новинарка од Скопје која има одлично уреден дом кој зрачи со хармонија.
Минимализам, неутрални тонови и богата библиотека... Ѕирнете во домoт на оваа скопјанка.
За CRNOBELO.com таа открива од каде инспирацијата за уредувањето:
„Љубовта и интересот за внатрешното уредување доаѓа од мојата баба, Душанка Балабановска, која беше позната архитектка и автор на шалтер-салата на Македонска пошта, еден од најубавите објекти на современата македонска архитектура.
Уште од мали години бев „под влијание” на нејзиниот креативен ум и на мноштвото книги за архитектура и дизајн што ги собираше баба ми. За жал, како што имаше обичај да каже таа, на крај одбрав да не одам на архитектура и наместо тоа се насочив кон пишаниот збор.
Ме влече скандинавскиот стил со сета своја едноставност и топли детали. Го сакам тој фокус на минимализам, многу светлина во просторот и изобилие на бела боја и неутрални тонови.
Првата работа што ја осмислив пред да се вселам во мојот прв самостоен дом беше библиотеката. Имам многу книги зашто многу сакам да читам и знаев дека сакам книгите да бидат дел од декорот во мојот дом.
Библиотеката некако ѝ даде и живост и разиграност на дневната соба и стана главна фокална точка во просторот. Во останатите елементи преовладуваат белата, црната и сивата боја.
Сметам дека уредувањето на домот е процес што никогаш не завршува. Исто како што и ние самите растеме и се менуваме како луѓе, така и домот треба да се менува со нас.
Има и некоја посебна убавина во тоа долго да го бараш совршеното парче или детаљ што ќе комплетира некое ќоше.