Мила и Дарко од Скопје се преселија во Орешани: „Градот почна да нè гуши, тука го пронајдовме својот мир“
Ако оставиш врати, возила отворени, никој нема ни да им се доближи. Ако се разминеш со непознати на улица, викаш „Здраво“, ако се разминеш со познати следи долг муабет во којшто веројатно ќе дознаеш и кои биле непознатите.
Инаку, ние живееме во викенд населбата Орешани, што е уште помирна од селото, кое брои околу 600 жители.
На 5 минути пешки има добро опремено гранапче (кое се претвора во караоке бар/ ресторан/ кабаре за празници) и автобуска постојка. До Скопје со автобус се патува 40-тина минути, или како кога се обидуваш да стигнеш од центар до Тафталиџе со автомобил во работен ден.
Бидејќи сопругот работи од дома, избегнуваме да возиме до Скопје, освен ако апсолутно нема друга опција.
Маркети ни доставуваат намирници до дома, дури и ветеринар доаѓа до дома кога треба да се вакцинираат кучињата. Тоа ни остава доволно време да поработиме на куќата, од која моментално само една шестина е оспособена за живеење.
Кој има куќа, знае дека на работата ѝ нема крај.
Посебно недоградена куќа, која знае да се поплави одвреме-навреме ако врнело под лош агол, па наместо планираниот базен, буџетот го насочуваш кон комплет прозорци за вториот кат.
За среќа, двајцата сме секогаш расположени да се извалкаме и да си создадеме нешто со сопствените раце, зашто овој тип живот не е за тие што викаат мајстор да им смени сијалица.
Кога сме кај валкањето, 6 месеци од годината ги поминувам во градината/овоштарник, а другите 6 во правење планови за следната сезона.
Моментално од дрвца имаме кајсии, 2 сорти цреши, 4 сорти јаболкници, вишни, 4 сорти смокви, ореви, киви, калинки, јапонска мушмула, сливи, кинески урми, лешници, бадеми, бела и црна лоза, праски, дуња, круши, врби и дабови и тукушто им се придружи и бебе маслинка, на кое многу му се радувам.
Имаме и малини, капини, рибизли, аронија, боровница и брусница, плус неколку видови јагоди, од кои шумските ми се омилени.
Секоја година, покрај зачинските билки, садам и домати, краставици, пиперки, рукола, спанаќ и цвеќиња што се јадат, па во секое време има доволно за салата и често вишокот го раздавам или го конзервирам, експериментирам со неконвенционални рецепти и измислувам нови работи.