Колку често и како правилно да ја миете шолјата за кафе?
Луѓето навистина уживаат во кафето, но малкумина обрнуваат внимание на нивната шолја за кафе.
Канцелариските работници најчесто ги запоставуваат шолјите, па после употреба само ги исплакнуваат и повторно ги користат наредниот ден. Или полошо, само го фрлаат старото кафе и ја дополнуваат шолјата со ново.
Иако шолјата нема да настрада од овој „третман“, сепак постојат некои работи што треба да ги земете предвид. Во речиси празната шолја за кафе можат да се создадат навистина страшни нешта.
Во вашата шолја можат да живеат секакви микроби и бактерии, особено ако го делите просторот со други луѓе. Повеќето бактерии се безопасни, но оние кои не се, можат да предизвикаат проблем.
Микробите од настинка и грип настојуваат да „патуваат“, па лесно можат да завршат на вас или на вашата шолја. Покрај тоа, микробите од вашата уста исто така завршуваат на шолјата. Колку потопла и повлажна е околината, толку е подобра за бактериите.
Всушност, листата со можности е застрашувачка. Стрептококи, стафилококи и кои било други орални бактерии, вклучувајќи и потенцијални патогени, можат да се наоѓаат на неизмиената шолја.
А доколку пак и некој друг пие од вашата шолја, на неа ќе завршат и бактериите од него.
Доктор Чарлс Герба, професор по микробиологија од Универзитетот во Аризона, објавил неколку истражувања во 1997-ма година кои нè зачудуваат и денес.
Неговиот тим ги проучувал бактериите пронајдени во шолји за кафе од канцеларии и откриле дека 41% од шолјите биле заразени со бактерии колиформи, познати и како фекални бактерии.
Најчесто овие бактерии не се штетни, но можат да бидат за луѓе со ослабен имунитет. Тимот открил дека машините за миење шолји, нешто како мала машина за садови, биле доволно за да се отстранат овие и другите бактерии.
Проблемот е што повеќето луѓе мислат дека едноставното плакнење и бришење на шолјата е доволно, но бактериите можат да се задржат на нејзината површина. Потребно е секогаш да ја миете шолјата и со средство за садови.
Правилното чистење е уште понеопходно доколку додавате млеко или шеќер во кафето. Двете супстанци содржат хранливи материи погодни за растот на бактериите.
Додека со миењето со вода ќе отстраните поголем дел од шеќерот, мастите и протеините од млекото бараат средство за садови.
Па, како да го намалите бројот на микроби и бактерии во шолјата за кафе?
1. Мијте ја шолјата со вода и средство после секоја употреба.
2. Мијте ја шолјата со чист сунѓер или хартија, бидејќи на сунѓерот со кои ги миете сите садови може да се наоѓа салмонела или Ешерихија коли.
3. Избришете ја и исушете ја шолјата со хартија.
4. Доколку шолјата има капак, не заборавајте да го исчистите и него.
Спирова С. | Црнобело / фото: depositphotos.com