7 места во домот кои најчесто заборавате да ги исчистите
Дури и кога мислите дека правите генералка дома, сигурно постои барем еден агол што го запоставувате, не намерно, туку затоа што го заборавате.
На Редит една корисничка започнала тема и дала неколку можни одговори, а другите корисници гласале, па е составена листа од топ 7 места во домот на кои забораваме речиси секогаш кога го одржуваме.
Завесата на туш кабината
Овој предлог доби 32.000 гласови и 7.500 коментари на согласување дека е запоставен дел од домот. Според едни, решението е да се пере во машина со уште една до две крпи. Според други, треба да се смени со нова кога ќе ја забележите првата црна точка од мувла, а некои предложуваат и да ја сушите надвор после секое користење на тушот.
Цедалката за садови
Отидете до кујната и погледнете ја цедалката за садови. Сигурно на нејзе има бигор, нечистотии, па дури и мувла. Најдобро е да купите таква на ногарки или силиконска и редовно да ги одржувате чисти.
Ѕидовите
Размислете и сами, колку често ги чистите ѕидовите? Најверојатно никогаш, така? Но, нечистотиите лесно се лепат за ѕидовите, дури и ако не пушите цигари дома. Со помош на мала метла или со крпа за бришење прашина пребришувајте ги и ѕидовите.
Душекот
Само менувате постелнина, но треба и еднаш неделно да го чистите душекот со правосмукалка. На секои шест месеци повикајте сервис за машинско перење и длабинско тресење на мебел.
Предметите за чистење
Од сунѓерчето за садови, па до машината за перење, сигурно не сте се сетиле дека треба и за нив да се погрижите. Перете ги сунѓерите од џогерите, менувајте го сунѓерчето за садови секој месец, а машините за перење облека и за садови на два месеца пуштајте ги да работат на „празно“ или на програмата за самочистење.
Вентилаторите
Можеби на ова и сте се сетиле, но веројатно ве мрзело да ги исчистите перките на вентилаторот. А замислете само колку прашина се шири кога е пуштен вентилаторот и таа завршува врз вас или врз храна.
Микробрановата печка
Луѓето обожаваат да ја одложуваат обврската за чистење на микробрановата печка, а е многу лесно: ставете сад со вода, малку оцет и 2-3 парчиња лимон и оставете да се загрее. Потоа само избришете ги маснотиите.
Е. Д. | Црнобело