Предмети кои не треба да ги фрлате во корпата за ѓубре
Навиката за селектирање на отпадот треба да влезе во нашето секојдневние, за да ја заштитиме природата, но и себе.
Сè што е расипано, не функционира или не ни треба, навикнати сме да го фрлиме во корпата за отпадоци, без да размислуваме на потенцијалната опасност по нас и по животната средина.
Поради тоа, внимавајте следниве предмети да ги фрлате настрана од обичните контејнери:
Батерии
Дури и кога се потрошени, се преполни со штетни хемикалии. На многу места има специјални контејнери каде се фрлаат батериите.
Светилки
Неонките и штедливите светилки се полни со гасови кои се отровни за животната средина. Обичните светилки со волфрамова жичка се безбедни за фрлање во обичните контејнери.
Запалки
И кога се празни, запалките се лесно запаливи и може да предизвикаат несакани пожари во контејнерите.
Пластични кеси
Доколку не се биоразградливи, пластичните кеси им создаваат главоболки и на центрите за рециклирање, бидејќи веќе ги има во преголема количина.
Амбалажа од шминка
Дури и кога се целосно празни, амбалажите од шминка и козметика се потенцијална опасност за природата бидејќи се хемиски третирани во процесот на производство.
Амбалажа под притисок
Потрошени дезодоранси, лакови за коса, освежувачи за воздух, сите овие пакувања се под притисок и може да експлодираат доколку се изложени на топлина или други хемикалии од ѓубрето.
Петарди, огномети и прскалки
Дури и да сте сигурни дека се влажни и уништени, не ги фрлајте во обичните контејнери. Секогаш ќе се најде несовесна личност што ќе фрли неизгасната цигара и штетата ќе биде огромна.
Масла и масти
Постојат многу еко-здруженија кои ги охрабруваат луѓето да го собираат искористеното масло во кантички и да го даваат на рециклирање. Направете го и вие тоа.
Бои и лакови
Лесно запаливи и испуштаат токсични испарувања и чад. Најдобро е да се консултирате со продавницата од каде купувате боја, за да ви објаснат како правилно да ги фрлите остатоците.
Искршено стакло
Најпаметно е стаклото директно да го однесете во центрите за рециклирање. Скршеното стакло е една од најчестите причини за повреда на работниците во комуналните претпријатија.
Живин термометар
Доколку е многу топло живата може да го скрши топломерот и да се разлее надвор во животната средина. Не заборавајте дека е многу штетна, како за луѓето, така и за околината.
Е. Д. | Црнобело