Како белите чевли да изгледаат исто како првиот ден кога сте ги купиле?
Белите чевли се идеални за летните денови, но многу малку се одлучуваат на нив заради потешкотиите при чистењето.
Белите патики се валкаат многу лесно, а тешко е да се одржи нивната боја и сјај, или барем така повеќето мислат.
Иако не е како со другите бои, сепак постои можност и белите чевли да се одржуваат и да изгледаат како првиот ден кога сте ги купиле.
Неколку трикови кои ќе ви помогнат во тоа:
По купување, полирајте ги чевлите со восок или спреј
Новите чевли стануваат од бели – сиви, заради невидливата прашина која се лепи за нив. За среќа, постои начин да ги заштитите. Постојат посебни, креми, восоци и спрееви кои ќе направат слој низ кој нечистотиите нема да можат да се пробијат. Така ќе ја одржите бојата долго време.
Не ставајте детергенти и средства директно врз нив
Ако чевлите се извалкани и сакате да ги исчистите со средство, немојте директно да го нанесувате на нив.
Сите потребни средства за чистење нанесувајте ги со сунѓер или четка со меки влакна, за подобро да се апсорбира во материјалот без притоа да остави дополнителни дамки и да ги уништи повеќе од што биле.
Не ги чувајте белите чевли со оние во боја.
Не е страшно ако белите чевли стојат со сите други чевли во ходникот или во широк плакар. Но, ако во кутија ги ставите белите со други темни чевли, веројатноста дека следната сезона нема да бидат бели е огромна.
Бирајте четки за чевли зависно од материјалот
Јасно е дека не треба да ги чистите белите чевли со истата четка со која ги чистите темните. Но, исто така е важен и материјалот на чевлите.
Ако чевлите се направени од мека можа, тогаш ви е потребна четка со меки влакна. За да ја зачувате структурата на сјајните модели, подобро е да одберете четка со забци.
За превртената кожа пак, најдобро е да користите специјална четка и да применувате посебен начин на чистење.
Затоа е важно да имате повеќе различни четки кои ќе соодветствуваат за секој модел или материјал посебно.
Користете вазелин за дамки од вода
Заради неправилно перење на чевлите, можно е да останат дамки кои ќе се познаваат кога ќе се исушат чевлите.
Наместо со средства, исчистете ги овие дамки со вазелин – нанесете директно на нив и оставете да отстојат 7-8 часа. Потоа отстранете го вазелинот и намачкајте ги со кремот за одржување.
Чистете ги чевлите со паста за заби
Не мора да купувате скапи производи за одржување на чисти чевли. Можете да се снајдете и со работи кои ги имате дома, како паста за заби, која ќе ја отстрани нечистотијата од нив.
Нанесете на стара четка и тријте на површината на чевлите, а потоа отстранете ја пастата со мека крпа.
Патиките може да се перат со шампон, сјај за садови или течен сапун
Материјалот на патиките е полесно да се испере целосно, а како средство може да користите шампон, сјај или течен сапун.
Измешајте го детергентот со вода и потопете ги патиките, бришете и тријте со сунѓер, а потоа поминете со чиста крпа и оставете да се исушат надвор, но наполнете ги со хартија одвнатре.
М. М. | Црнобело