Понекогаш насмевката ја крие најголемата тага – знаци како да препознаете „насмеана депресија“
Депресијата доаѓа во различни форми, а многупати луѓето од страна не можат да ја забележат бидејќи „жртвите“ умешно ја прикриваат зад лажна насмевка.
Дали знаете дека депресивните личности може во друштво да се смеат и да изгледаат сосема нормално, но кога ќе останат сами со себе, кај нив почнува да владее осаменоста и негативните чувства?
Затоа е важно да обрнувате внимание на вашите блиски и сакани, да не се потпирате на лажни насмевки и понекогаш подлабоко да „ѕирнете“ во нивната душа и ум.
Што е „насмеана депресија“ и зошто е опасна?
Ова е еден вид на депресија кај луѓето кои најчесто не се свесни дека се наоѓаат во таква состојба. Тие не се толку затворени во себе и секојдневните обврски ги завршуваат сосема нормално.
Во друштво тие разговараат и се смеат, па оставаат впечаток дека се среќни, иако длабоко во себе страдаат.
Токму поради тоа што изгледаат енергично и ентузијастично, блиските ретко може да забележат дека нешто не е во ред и дека „зад сцената“ тие се чувствуваат лошо и безвредно.
Кои се знаците на овој вид депресија?
Иако не мора да значи дека кај секого се појавуваат истите симптоми, сепак некои од знаците кои укажуваат на „насмеана депресија“ може да бидат следните:
- Намален интерес за хобија и активности кои личноста некогаш ги сакала
- Ненадејни промени во тежината и апетитот
- Замор и губење на концентрација
- Несоница
- Негативни мисли кои претходно не биле карактеристични за личноста
Како да им помогнете на овие луѓе?
Кај секој вид на депресија, најважно е да им помогнете на луѓето да сфатат дека имаат проблем, бидејќи многумина не го прифаќаат тоа така. Дајте им до знаење дека вие сте тука за нив, дека не се сами и ги поддржувате во сè.
Слушајте ги внимателно
Не ги игнорирајте овие личности, не се однесувајте како да сте незаинтересирани за нивните зборови, мисли и чувства и дајте им до знаење дека ги слушате и разбирате. Понудете помош ако мислите дека може да направите нешто.
Помогнете им да ја зголемат самодовербата
Во голем број од случаите, ниската самодоверба е клучот за емоционалните и ментални проблеми. Обидете се да им помогнете на блиските да сфатат дека се совршени, дека изгледаат добро, дека се вредни и преку значајни активности да ја почувствуваат својата корист.
Натерајте ги да живеат нормално
Наместо да им дозволувате секој пат да си отидат после кратката средба, натерајте ги да правите работи заедно, да почувствуваат дека се некому потребни и дека можат и тие да си поминуваат добро.
Предложете им разговор со стручно лице
Секако, мора да внимавате на пристапот и начинот на кој ќе го кажете ова, но потрудете се вашиот близок да сфати дека не е ништо срамно или страшно ако посетат терапевт со кој ќе разговараат на разни теми. Впрочем, во модерното општество, тоа му е потребно на секого, не само на оние кои веќе искусуваат проблеми на ментално поле.
М. М. | Црнобело / фото: depositphotos.com