Кои се најопасните пластични операции и што може да тргне на лошо?
Можеби сонувате да имате задник како Ким Кардашијан, но одлуката да направите пластична операција за да го добиете дефинитивно не е најпаметното нешто што може да ви падне на ум.
Луѓето како сè повеќе да сакаат брзи трансформации на својот изглед, па така се почесто се одлучуваат на пластични операции.
Но, реалноста е дека овие операции може да бидат опасни и носат низа ризици.
Пластичните хирурзи откриваат кои се најопасните пластични операции:
Операциите за „бразилски“ задник
Со инјектирање на масти многу жени се обидуваат да го добијат задникот од соништата. Најчесто мастите се земаат од други делови на телото, но кога жената е преслаба се користат филери или импланти.
Ризикот е што тие може да се поместат потоа, плус не сте сигурни какви импланти ќе ставите затоа што на пазарот има многу неквалитетни производи, па дури и доктори кои изведуваат нелегални операции.
Главниот ризик фактор при оваа процедура е начинот на инјектирање бидејќи длабоко во мускулатурата постојат големи крвни садови, кои при процесот може да бидат повредени. Потоа мастите или филерите може да влезат во вашиот крвен систем и да предизвикаат смртоносни инфекции.
Вадењето на мастите од стомакот не е едноставно
Можеби ви изгледа како лесна процедура, но при неа лесно може да дојде до згрутчување на крвта.
При оваа операција влијаете на носечкиот дел од трупот, па така закрепнувањето може да биде опасно ако не мирувате и не се држите до правилата. Ако премногу се движите, може да дојде до стагнација на крвта и разни згрутчувања, кои потоа може да предизвикаат сериозни проблеми.
Ризикот е поголем кај постари пациенти, луѓе со претходни операции, со рак или со хормонски терапии.
Липосукцијата на голем предел од телото може да доведе до шок на организмот
Ако сакате да се ослободите од многу масно ткиво од телото наеднаш, треба да сте свесни дека процедурата е ризична и може да дојде до пречки на движењето на течностите низ телото, дехидратација, губење на крв, па и хиповолемичен шок на телото.
Особено не е препорачливо оваа процедура да ја комбинирате со други едновремено.
Течни силиконски фацијални инјекции
Пластичните хирурзи откриваат дека многу немедицински тренирани лица често изведуваат ризични процедури на ставање фацијални инјекции за подмладување.
Резултатот може да биде доживотно оштетување на изгледот на пациентот или потреба од операција за да се отстрани силиконот. Силиконот може да предизвика реакција на телото и разни инфекции.
Потребно е внимателно да избирате добри и проверени филери.
С. С. | Црнобело