Рамен стомак, мал нос: Наметнати (и нереални) стандарди за убавина кои не треба да ви влијаат на самодовербата
Совршен мал нос, полни усни и рамен стомак – слободно игнорирајте ги овие стандарди за убавина и не дозволувајте да влијаат врз вашата самодоверба.
Во ерата на социјалните мрежи, огромен број девојки и жени чувствуваат притисок да исполнуваат некои наметнати стандарди за убавина.
Проблемот е што овие стандарди бараат сите девојки и жени да изгледаат исто – нешто што е практично невозможно.
Истовремено, дел од овие стандарди се навистина нереални, без разлика дали станува збор за лични карактеристики со кои сме родени или фит-тело кое бара одвојување време што многумина го немаат.
Кои се стандардите за убавина кои треба да ги игнорирате и да не дозволите да влијаат на вашата самодоверба?
Рамен стомак
Сè додека вашата тежина е во здрава граница и не ви предизвикува здравствени проблеми, стомачето и масните наслаги не треба да ве загрижуваат премногу.
Освен ако немате таква градба, за совршено рамен стомак ќе треба да минувате часови во теретана и да внимавате на секој залак што го внесувате, а сите знаеме дека ова обично е невозможно.
Полни усни
Само затоа што немате полни усни не значи дека не сте убави. Земете ги за пример познатите жени кои немаат полни усни по кои копнеат сите, како Кејт Мидлтон, Џенифер Анистон или Блејк Лајвли.
Тие се сметаат за едни од најубавите жени во светот и се доказ дека полните усни не се пресудни за вашиот изглед.
Тело со совршени облини
Некои жени имаат поголем задник, некои поголеми гради, некои се слабички, некои се полнички и, најважно од сè, сите тие се убави.
Ако сте слаби, немојте да копнеете по облини бидејќи и вашето тело е убаво. Ако сте полнички, немојте да се грижите затоа што немате затегнати мускули и тонирано тело бидејќи сигурно изгледате прекрасно.
Симетрично лице
Сосема нормално е да имате „асиметрични“ карактеристики, на пример се случува едното око да е малку поголемо од другото.
Всушност, голема е веројатноста само вие да ги забележувате овие ситници, па не вреди да се оптоварувате со нив.