На 7 години останала без раце и нозе, на 18 години изведува чуда со шминката
Изабел од Велика Британија, која на 7 години ги изгубила рацете и нозете вели: „Моето тело е единственото кое некогаш ќе го имам, па зошто да си го трошам животот чувствувајќи се тажно и несигурно за нешто кое не можам да го променам?“
Изабел Вел е 18-годишна девојка од Велика Британија која се шминка совршено. И тоа немаше да биде чудно ако Изабел имаше раце.
Таа на 7-годишна возраст поради напад на менингитис имала ампутација на дел од рацете и нозете. Сепак, успева да направи магија со шминката, работи со познати брендови и има повеќе од 421.000 следбеници на Инстаграм.
Менингитисот е заболување кое претставува воспаление на мозочните обвивки.
Инспиративната Изабел работи и како маркетинг асистент во автомобилска компанија.
Вели дека првото видео како се шминка го прикачила на социјалните мрежи во 2018 година и добила лавина од позитивни реакции и пораки со поддршка, па така одлучила да продолжи да снима.
„Беше неверојатно! Луѓето беа воодушевени како се шминкам без раце. Потребно е многу вежбање и одлучност. Но, се исплатеше, сега имам соработка со многу брендови и ја подигнувам свесноста и им покажувам и на другите луѓе со ампутирани екстремитети дека сè е возможно“, вели таа.
Во 2010 година Изабел имала напад на менингитис, срцето ѝ сопрело и имала откажување на многу органи, па била ставена во кома. Докторите морале да ѝ ги ампутираат сите 4 екстремитети поради изгубената циркулација. Тоа траело 6 часа.
Изабел се разбудила една недела подоцна, била збунета од ситуацијата и закрепнувала со месеци. Но, го имала ставот дека штом тоа морало да се случи, треба да го прифати тоа и да продолжи понатаму.
На училиште ѝ било навистина тешко, затоа што децата знаат да ги осудуваат различностите, но по многу подеми и падови, сега се чувствува самоуверено и среќно и вели: „Моето тело е единственото кое некогаш ќе го имам, па зошто да си го трошам животот чувствувајќи се тажно и несигурно за нешто кое не можам да го променам?“