Трите најголеми женски комплекси од кои сите страдаат и непотребно се измачуваат
Жените се дефинитивно најстрогите критичарки самите на себе, особено кога станува збор за физичкиот изглед.
Секојдневните критики за сопствениот изглед воопшто не им одат во прилог. Наместо да работат на прифаќање на несовршеностите, жените упорно ги истакнуваат и ги потенцираат, измачувајќи се себеси, но и сите други околу нив.
Кои се трите најголеми женски комплекси и зошто нема никаква потреба од нив?
Премногу сум дебела
Модните трендови ги диктираат моделите од пистите или инстаграмџиките, главно витки, млади девојки, чии тела се „пеглаат“ до невозможни размери во Фотошоп. Женските атрибути на тој начин се подгазуваат.
Многу жени мислат дека треба да изгубат неколку (или многу) килограми за да се чувствуваат поубаво и посамоуверено, додека се бомбардирани со модели и инфлуенсерки со совршени пропорции.
Во реалноста, повеќето жени во 30-тите не изгледаат така, туку поженствено, со повеќе облини, а понекогаш и некој килограм вишок, особено во пределот на стомакот, задникот и колковите. Ретки се оние коишто можат да јадат што и кога сакаат, без да им се забележи тоа на телото.
Телото се развива со текот на возраста и ретко кој може да остане на истата тежина кога бил тинејџер. Затоа „имагинарната“ дебелина е еден од најбесмислените комплекси предизвикани од искривените перцепции за реалноста.
Ова ќе го потврдат и мажите – кога сакаат некоја жена, тие навистина не се заморуваат со нејзиниот број на килограми. Затоа – сакајте го своето тело и не се мачете со вишокот. Секако, не заборавајте да се грижите и за здравјето. Сè во умерени граници.
Телото ми е млитаво и имам тони целулит и стрии
Совршено тонираното тело без трошка целулит навистина му годи на окото, бидејќи изгледа цврсто и здраво, но мора да знаете дека навистина мал број на жени можат да се пофалат со тоа.
Целулитот е резултат на гените, неправилната исхрана и недостатокот на вежбање. Во денешниот, претежно седентарен начин на живот, ретко која девојка или жена е поштедена од него.
Се разбира, треба да се обидете да спортувате, да вежбате за да го зајакнете телото и да ги обликувате мускулите, да јадете што е можно поздраво, но ако сè уште не сте задоволни од изгледот на вашето тело и чувствувате комплекси – запомнете го фактот дека вие сте само обичен човек на крајот на денот и телото не е ваша професионална окупација и „оружје“ за успех и слава.
Само спортисти кои тренираат по неколку часа дневно, модели чии несовршености се обработуваат во Фотошоп или познати личности кои имаат доволно нерви и услови за ригорозно вежбање и здрава исхрана, може да изгледаат „совршено“, секако со дополнителна помош на армија стилисти и шминкери. A, најчесто, дури и тие не се поштедени од совршен изглед без Фотошоп.
„Моето лице е ужасно“
Отворени пори, премногу дамки, премногу бемки, мозолчиња со разни бои и форми… Сето ова пред нашите очи додека се гледаме во огледало изгледа двојно поголемо и повидливо.
За среќа, постојат козметички производи кои можат да ни помогнат да ги прикриеме недостатоците.
Но, имајте предвид дека кожата се менува, како во текот на сезоните, така и во текот на возраста. Едноставно прифатете ја онаква каква што е, и бидете горди на секоја брчка од смеење. Тоа значи дека сте живееле и сте уживале.
Доколку имате посериозни проблеми, секако консултирајте се со стручно лице, но не очајувајте. Сакајте се во текот на целиот процес. Не сте единствени.
(О)Милена | Црнобело / фото: depositphotos.com