Најчестите грешки што ги прават луѓето со мрсна кожа
Воопшто не е лесно да се справите со мрсната кожа, особено во текот на летото. Во топлите денови кожата на лицето може да биде уште помрсна, па важно е да ѝ обрнете посебна нега.
Но неретко луѓето со мрсна кожа отстрануваат премногу од мастите на лицето, па само си ја влошуваат состојбата.
Затоа, погледнете кои се грешките што треба да ги избегнувате ако имате мрсна кожа:
Миење со топла вода
Топлата вода може да ги отстрани корисните масти од лицето и да ја исуши. Тогаш, пак, обидувајќи се да надополни за недостатокот, кожата ќе лачи уште повеќе масти и вашето лице ќе биде уште помрсно.
Претерано го чистите лицето
Веќе напоменавме дека луѓето со мрсна кожа настојуваат почесто да го чистат лицето. Но и ова е грешка што има сличен ефект како миењето со топла вода – кога постојано ги отстранувате сите масти од лицето, тоа ќе почне да лачи повеќе.
Затоа, најдобро избегнувајте го пречестото користење на средства за миење лице. Сосем доволно е да го исчистите лицето наутро и навечер.
Често правите пилинг
Воглавно, пилингот би требало да го правите еднаш неделно. Ако го правите почесто, само ќе си ја влошите ситуацијата.
Не заборавајте дека пилингот е погруб кон вашата кожа и може да ја оштети.
Често ги менувате продуктите за нега на лице
Добро е да пробате неколку продукти додека да ги најдете најдобрите за вас, но избегнувајте да ги менувате често. На кожата ѝ треба време да се адаптира на новиот продукт, па имајте го и тоа предвид.
Користите погрешен тоник за лице
Само затоа што имате мрсна кожа, не значи дека треба да користите продукти што ги отстрануваат сите масти. Затоа, избегнувајте тоник кој содржи алкохол и кој ја суши кожата.
Не употребувате крем за лице
Важно е да знаете дека иако имате мрсна кожа, на вашето лице му е потребна хидратација.
Можеби во текот на летото ќе бидете во искушение да го прескокнете хидратниот крем, но подобро не правете го тоа.
Често го допирате лицето
Мрсната кожа е почувствителна од сувата, па лесно ќе си предизвикате акни, митесери или иритација ако го допирате лицето со валкани раце.
Спирова С. | Црнобело