Препораки и совети во време на корона - Како ќе изгледа следното одење на маникир?
Иако можеби периодов научивте сами да си ги средувате ноктите за да изгледаат пристојно и без професионална нега, сепак сите едвај го чекаме моментот кога за првпат ќе се вратиме во омилениот салон на маникир и педикир.
Некои козметички салони веќе почнаа со работа, а останатиот поголем дел ќе започнат наскоро, но сепак треба да останете внимателни.
Во скоро време ќе мора да се придржуваме до неколку основни правила, како би си го сочувале здравјето и не би се опуштиле предвреме.
Правила кои треба да се следат во козметичките салони:
Штом пристигнете, во просториите за чекање треба да бидат поставени дезинфекциски средства кои ќе мора да ги употребите.
Доколку салонот нема доволно голем простор за чекалница, во која клиентите ќе бидат на физичка раздалеченост од 1,5-2 метри, најдобро е да чекате надвор.
Во деловите на салонот каде ќе се извршува плаќање на услугите би требало да има прегради од плексиглас или друг провиден материјал.
При третманот неопходна е оддалеченост од 1,5-2 метри. Доколку тоа е физички неизводливо, како на пример при маникир, пожелно е козметичарите да носат визир.
Треба да оставите податоци кога сте пристигнале, а кога сте заминале од салонот.
Задолжително е носење на маски, како на вработените, така и на клиентите.
Се препорачува и безготовинско плаќање, односно плаќање со картичка, како и избегнување да консумирате пијалаци или храна при третманот.
Останува и правилото дека кога стерилизацијата е невозможна, опремата, приборот и материјалот за работа е неопходно да се дезинфицира по секоја употреба. Строго е забранета работа на повеќе клиенти без претходно чистење на околината и приборот.
Внимавајте каде одбирате да одите, бирајте ги местата кои се придржуваат до овие правила за заштита на клиентите, но и вие бидете одговорни и почитувајте ги истите.
М. Д. | Црнобело