Што да направите со оштетените шминки?
На сите им се случува да им се растури сенката во прав, да им се скрши карминот или да им се исуши лакот за нокти и маскарата.
Но, наместо да ги фрлите и да се разочарате, во тие моменти потребно е да знаете неколку трикови за како да ги поправите и да им ја вратите функцијата.
Скршен кармин
Ако ви се скрши карминот, штетата може да ја поправите со фенот за коса. Карминот загрејте го на напукнатите краеви, а потоа составете ги. Ставете го во кесичка и оставете го некое време во замрзнувачот за да се стврдне.
Искршена камена пудра
Искршената камена пудра може да ја спасите со помош на алкохол. Со дрвено стапче или врвот на четката за пудра, која претходно сте ја дезинфицирале, вратете ја пудрата во кутијата, па на неа истурете неколку капки алкохол и оставете ја да се стегне.
Искршена сенка за очи
Искршената сенка може да ја спасите на ист начин како пудрата, односно со помош на алкохол. Дезинфицирајте го стапчето за шминкање или лажичката и вратете ја во паковката. Потоа додајте малку алкохол, прекријте ја со кеса и израмнете ја. Оставете ја неколку часа да се стврдне.
Исушена маскара
Исушената маскара може да ја вратите во живот со помош на топла вода, така што ќе ја оставите две-три минути во филџан наполнет со топла вода, по што повторно ќе биде подготвена за употреба.
Исушен лак за нокти
Ако не можете да го отворите омилениот лак за нокти, свртете го наопаку и ставете го во врела вода. Почекајте неколку минути, а потоа обидете се полека да го отворите. Ако повторно не ви успее, обидете се да ставите малку ацетон под капачето.
Знаете ли некој друг трик за оштетената шминка?