Класика која трае: 3 совети за совршени црвени усни
Црвените усни секогаш ја претставувале женската сензуалност. Добрите шминкери ја знаат тајната како да ја одберете вистинската нијанса на црвена боја и како да направите да ви трае подолго.
Ова се трите најчести проблеми на девојките, за кои има и 3 решенија:
1. Која нијанса на црвена ми одговара?
Жените кои имаат посветол тен, треба да одбираат поладни нијанси на црвена. Ако сте русокоса добро е да содржат тонови на сина, односно треба да одбирате виолетови или розови нијанси.
Ако имате кафена коса и кожа со медова нијанса, тогаш за вас идеални се бакарно црвените нијанси, длабоки тонови на портокалова или земјени тонови.
Ако имате црна коса и потемен тен, вашата црвена нијанса треба да биде темна и топла.
2. Каква подготовка е потребна за совршено црвени усни?
За да ви бидат меки и полни, а бојата постојана, пред сè е неопходна добра хидратација. Не е лошо да почнете со некој благ пилинг кој ќе ги отстрани изумрените клетки од усните.
На потполно сувите усни поминете со фротирски пешкир кој претходно сте го загреале. Потоа нанесете хидратантски балзам. Ако ви се испукани усните, пилингот направете го двапати.
3. Како да го нанесете карминот?
Пред да почнете да го нанесувате карминот важно е да имате соодветна четкичка, по можност од природни влакна.
Не ги премачкувајте усните наеднаш цели, туку со врвот на четкичката нанесувајте по малку додека не ја распоредите бојата рамномерно по целата површина.
Потоа со салфетка внимателно размачкајте го додека не стане мазно. Уште еднаш нанесете втор слој од карминот за да ја добиете соодветната нијанса.
Ако е потребно со молив за усни нежно поминете по линијата на усните, но да не се забележува значително.
За да обезбедите постојаност на бојата поминете преку усните со четка на која сте нанеле малку транспарентна пудра.
Сјајот за усни не е многу препорачлив за користење, бидејќи ја разлева бојата, се лепи и потешко се отстранува. Ако ви е неопходен, нанесете го само на средината.