Ирина од Гостивар се омажи за саканиот Велибор во носијата од баба му, стара 65 години
Велибор ни раскажа дека неговата баба Марица сама ја сошила носијата и во неа се венчавала во далечната 1956 година.
„Ирина имала желба од мала да се фотографира во носија, а моја уште поголема чест е тоа што е наша традиционална облека која е чувана со генерации во моето семејство “ - вели тој и додава дека пред свадбата и за време на венчавката тие ги испочитувале сите традиции од западниот дел на Македонија, а судбоносното ДА си го кажале во Бигорскиот манастир.
„Пред изгрејсонце во четврток пред свадбата се развива бајракот - македонско знаме. Се пука со пушка и со тоа се најавува свадбата. Во истиот ден се закитуваат куќите и попладнето ја носевме венчаницата кај невестата, адет е да се посети невестата и да се земе "чејзот".
Неделата беше свадбената веселба и венчавка, од наутро се подготвуваме да ги пречекаме гостите, кумот, старосватот и деверот“ – раскажува Велибор за свадбените традиции. Тој објасни дека ги испочитувале и другите традиции како бричење од кумот, пари во чевлите и купување на невестата.
„Македонија е мала, но полна со традиции и обичаи, и се чувствуваме горди кога ги запазуваме и исполнуваме тие стари адети. Понекогаш чувствувам дека живеам во 21 век но духот ми припаѓа на некој поодамешен сталеж, општество и век. Каде луѓето се сакаа и без пари и без предрасуди, лицата им биле убави без било каква шминка и лажна насмевка“ – вели Велибор на неговата љубов кон македонските традиции.
„Традицијата е тоа - љубов кон себе, љубов кон семејство и љубов кон Македонија“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело