„Моите родители решиле сами да ѝ ги дупнат ушите на нашата 9-месечна ќерка – сега не ги оставаме насамо со неа“
Често се случува бабите и дедовците да донесат некоја одлука за животот на внуците без претходно да ги прашаат своите деца, односно родителите на внуците. Често се случува, повозрасните да сметаат дека одлуките на нивните деца се бесмислени и да направат нешто „по свое“, без да ги земат предвид барањата на родителите на внуците. Така овој татко своето искуство анонимно го сподели на Reddit.
фото: freepik.com
Како што вели, тој и сопругата се родители на девет-месечно девојче по име Талија. Сите во семејството сè почесто доаѓаат за да го видат девојчето, но, како што вели престанале да разговараат со неговите родители откако тие направиле нешто со што тој и неговата свршеница не се согласуваат.
„Одлучивме дека Талија кога ќе биде поголема сама ќе одлучи дали сака да ги дупне ушите. Никогаш не сум ја прифаќал идејата тоа да се направи додека таа е бебе и не може да даде согласност, како што тоа ѝ го направиле на мојата свршеница, а таа отсекогаш мразела да носи обетки. Сè уште не носи“ - вели таткото.
Како и да е, неговите родители не се сложувале со ова мислење и постојано тврделе дека девојчето ќе изгледа „мошне слатко“. Затоа еднаш додека го чувале девојчето, бабата и дедото одлучиле работите да ги земат во свои раце, па така ѝ ги дупнале ушите на внуката без знаење на родителите.
По ова, како што пишува таткото, тие престанале да разговараат со неговите родители поради тоа што не ја почитувале одлуката, но сите во семејството им велеле дека непотребно креваат врева и дека не може во целост да ги оттргнат бабата и дедото од детето поради тоа.
„Затоа одлучивме тие да ја гледаат Талија само ако има некој од нас присутен и нема да им дозволам да бидат сами со неа“ - вели тој.
За крај таткото појаснува дека повторно и оваа одлука наидува на осудување кај другите затоа што луѓето околу нив сметаат дека непотребно ги казнуваат неговите родители за нешто што не е толку значајно.
„Дури и родителите на мојата свршеница сметаат дека овие посети со надзор се премногу и дека треба да им дозволиме да ја чуваат Талија сами кај нив дома, како што правевме порано. Ние не сакаме да се предомислиме за условите што ги поставивме, па така сите нè обвинуваат“ - пишува тој.
За крај прашува дали оваа одлука е престрога според корисниците на Reddit и дали би требало да им веруваат на неговите родители и да им дозволат да ја чуваат внуката.
Што мислите вие? Дали тоа што го направиле е доволна причина за оваа двојка целосно да ја загуби довербата и да не им дозволи да го чуваат девојчето или е сепак претерано?
Како би реагирале вие?
Б. С. Б. | Црнобело