„Бев на Бислимска Kлисура – печевме компири на жар, им се восхитував на качувачите на карпа“
Се мислев, но искрено не собрав храброст, иако знаев дека за тоа ќе имам поддршка од навистина искусни спортски качувачи како Стојан Хаџи Јефтимов, на кои безбедноста на секој качувач им е на прво место.
И додека оддолу им се восхитував на сите присутни од земјата и странство кои чекаа редици за да дојдат до својот тајминг за искачување, јас шетав крај реката, каде запознав еден локален козар, кој ми кажа дека го обожава животот во ова село и ми пренесе дел од својата љубов кон него.
Неговите кози беа ведри и разиграни, и само дополнително му даваа шарм на ова место, за кое се вели дека за кумановци е тоа што за скопјани е Водно, односно совршено место за викенд релаксација.
Потоа, одлучив да пешачам по патеката која се протегаше горе над реката и имаше спектакуларен поглед константно. Ме потсети на едно од селата во Скопје, кое го обожавам и неретко го посетувам, а тоа е селото Кожле, за кое веќе ви раскажав.
Оттука видов и една од пештерите, но пешачењето до таму го оставив за другпат. Но, ми кажаа дека имало неколку пештери и вредело да се посетат.
Се вратив кај дружината која со ракија и мезе уживаше во пролетното сонце, но и веќе ја редеше скарата.
Признавам, се собравме боеми по природа, па печевме тазе наполнети колбаси од локален жител од селото, компирчиња во фолија и се полневме енергија сончајќи се со пивце на мартовското сонце.