Србинка ги посети фавелите во Рио де Жанеиро: „Не плаќаат струја и вода, се шетаат со пиштоли“
„Ако се прашувате зошто некој би избрал да живее во таква хаотична населба, тоа е затоа што не поднесуваат сметки никому. Мислам никому надвор од фавелата. Нема плаќање вода, ниту струја...“, го пренесува своето искуство Јована Квржиќ.
Српската инфлуенсерка Јована Квржиќ периодов престојува во Бразил. Едно од местата кое ѝ остави најголем впечаток таму се фавелите во Рио де Жанеиро.
На социјалните мрежи детално го пренесува своето искуство оттаму:
„Фавела. Која ви е првата асоцијација за овој збор? Страв? Можеби храброст? Дрога? Оружје?
Ќе ви го пренесам моето искуство, па вие видете дали ќе го задржите или промените мислењето за овие прекрасни населби карактеристични за Бразил.
Имав можност да ѕирнам во најголемата фавела во Јужна Америка, Росиња, каде моментално живеат околу 200.000 луѓе.
Фавелите својот назив го добиле по истоименото брдо, каде првата настанала. Но, нив нивните жители сакаат да ги нарекуваат заедници (Comunidade), зборот фавели повеќе го користат луѓето надвор од нив и туристите.
Ако се прашувате зошто некој би избрал да живее во таква хаотична населба, тоа е затоа што не поднесуваат сметки никому. Мислам никому надвор од фавелата. Нема плаќање вода, ниту струја (но затоа замислете како им е кога ќе падне дожд со сите тие кабли и нерегулирана канализација) и ако сте родени во фавела, тешко дека од неа ќе излезете.
Фавелите се резервирани за најнискиот слој на граѓани, а без пари можностите ви се многу ограничени.
Тоа не значи дека сите луѓе во фавелите се сиромашни, а особено не лоши и опасни како што ние ги доживуваме. Овде поради смеата и прегратките кои ги добив, немаше ниту потреба за зборови.
За првпат во едно слабо развиена заедница бев одбиена за парите кои му ги понудив на училиштето. Директорката на училиштето нè прошета по сите простории и нè запозна со учителите за да ни покаже дека на децата не им недостига ништо. Чиста, насмеана, образована.
Дури имаше и по некое дете кое говореше англиски, па од остатокот на одделението добиваше аплауз дека може да се разбере со нас.
Ќе бидам искрена и ќе кажам дека за време на нашата тура поминавме и покрај главните нарко дилери и доживеавме сцена како од филм, каде зјапаа во нас со пиштоли во рака и пушки на масите пред нив.
Но, ако не ги допирате (во нашиот случај – не сликате) не би требало да имате проблеми.
Секоја фавела има свои правила и туристите се добредојдени сè додека ги почитувате локалците. Проблем може да настане ако дојде до конфликт помеѓу банда и полицијата. Неверојатно ми беше како во следната улица видовме полициско возило како мирно си „крстари“.
Сè додека секој си ја гледа својата работа, мир е.
Цената на турата од 2 часа е околу 25 евра, а нашата тура се претвори во 5 часа, а да немавме други обврски ќе останевме цел ден.
Нашиот водич во своето CV има дека некогаш бил член на банда, а во лекарското досие има прострелна рана на бутот. Добро поминал, не се жали.
Вели дека нема девојка затоа што Бразилките се многу љубоморни и ако е со Бразилка нема да може да биде водич и да слика туристки.
Кога ја договаравме турата тој ни кажа „Се надевам дека од турата ќе си заминете со вистински впечаток за фавелата и ќе научите дека таму не живеат ѕверови како што портертираат медиумите, туку ќе бидете безбедни како да сте дома и гледате Netflix.“