„Бев на одмор во Драч – има превоз до плажи кој чека да се пополни до последно место, но задоволен сум“
Изгледа дека летово, покрај Грција и Албанија ќе биде една од топ дестинации за Македонците. Пред некоја недела, кога имавме продолжев викенд заедно со неколку пријатели решивме да заминеме на кратко патување во Албанија.
Се одлучивме за Тирана, ама патот до таму беше навистина макотрпен. Од Скопје тргнавме во 21 часот, а во Тирана стасавме дури во 5 часот сабајле.
Немаше град во кој не застана автобусот и правеше повеќе паузи од што реално беа потребни. Како и да е некако стасавме во градот без МекДоналдс, со ужасен сообраќаен метеж и најубавото трилече што го имам пробано. Но, за ова ќе раскажувам во некоја следна прилика…
Иако бевме сместени во Тирана, секој ден одевме во Драч на плажа. Немавме автомобил, па моравме да се возиме во меѓуградските автобуси, кои немаа конкретно време на заминување.
Тргнуваа кога ќе се наполни до последно седиште, а внатре никој не носи маска за заштита од ковид-19. Мислам, за целиот престој не видов 5 души со маска на лице, без разлика дали беа млади или стари.
Зашто често патувам на релација Куманово-Скопје, патот Тирана-Драч не го ни осетив. Патот од 35 километри го поминавме за 40 минути и кога слегов од автобусот мирисот на Јадранското Море се вгнезди во моите ноздри.
Конечно, после две години конечно ми се оствари желбата да се сретнам во морско пространство. Но, самата помисла дека сум на најголемото пристаниште во Албанија кажуваше многу.
Плажите кои оставаат без здив и те вознесуваат се наоѓаат од југ од државата, ама сепак во ред ми беше и со овој скромен избор што го направив.
Како што е редот, прво направивме тура низ историскиот дел на градот. На пример, амфитеатарот во Драч е одличен избор за посета. Воедно е и најголемиот амфитеатар на Балканот каде има капела со интересни мозаици, а преку овој култен објект се претставува римската транзиција кон христијанството.
Тука е и Венецијанската кула, потоа џамијата која се наоѓа во центарот на градот, Археолошкиот музеј. Исто така во Драч се наоѓа и почетокот на Вија Игнација, римската магистрала која на времето имала за цел да ги поврзе јадранските колонии до Византија…
Ако сакате времето да си го поминете во историска прошетка, има доста локалитети кои ќе ти го привлечат вниманието.
Од друга страна, тука се плажите, ама за да стигнеш до оние поубавите мора да излезеш од хаотичниот Драч. Ако си со автомобил, работата е лесна, инаку ќе мора да се клацкаш во јавен превоз.
Плажите во Драч се долги, иако во јуни немаше многу туристи, пред пандемијава овој период вриело од луѓе. Сепак, ми годеше. Ние, последниот ден го поминавме на „Тропикал рисорт“ и сè си беше тамам. Со културна клиентела и лабаво музиче покрај плажа, а цените беа евтини. Да не речам дупло поевтино од Грција.
Албанија изобилува со прекрасни места, од толку многу сепак може да се сврати и до Драч на ден-два.
Автор: Е.Х. | Црнобело