„Како град, Пешкопеја не ми се допадна, но правењето самари, плетењето кошници од трски, берењето шафран – тоа беа незаборавни доживувања“
Некој пред година дена да ми речеше дека минување на граница ќе претставува толкаво доживување, никогаш не би му поверувал.
Посебно кога полицајците од пасошката контрола ќе ти го земат пасошот и по неколку минути ќе ти го вратат со уште еден печат плус.
Како тргнаа работите, си направив лош филм дека засекогаш ќе бидеме затворени во нашата држава, дека ова пандемско лудило никогаш нека да се оконча. Ама еве, се случи ова мало патување до Албанија, кое ги раздува фикс идеите.
Дента, заедно со уште неколку пријатели имавме интересна агенда во Пешкопеја и околината.
Град во североисточна Албанија, кој се наоѓа на дваесеттина километри од Дебар. Да бидам искрен, град како град воопшто не ми остави впечаток, ми делуваше прилично хаотичen, но откако се напивме кафе, земајќи воздишка од топлото време, ја прифатив Пешкопеја онаква каква што е.
Не бев дојден да ги откривам тајните на уличките, спомениците… Тоа го оставив за некоја следна прилика, патот ме однесе во Пешкопеја да присуствувам на неколку интересни работилници.
Иако доста работи имам испробано во животот, никогаш не ми текнало дека еден ден ќе бидам чирак во работилница за изработка на самари. Онака на олд-скул начин.
Старецот, пријател на сопственикот на работилницата, на кој му го заборавив името, не зборуваше англиски јазик. Но, за среќа имавме човек од Дебар, кој зборуваше албански и благодарение на него успеавме да оствариме успешна комуникација со мештаните.
Како за почеток добро се снајдов, освен што бучавата на машините за сечење на дрва ми ги распука ушните тапанчиња, другото сè помина во ред.
Внимателно ги слушав заповедите на човекот. Де подај го тоа парче, де спушти го ова тука. Удри на ова место, пресечи таму. Од прилика така се одвиваше моето чиракување и по напуштање на работилницата, воздивнав со олеснување, оти останав со сите прсти на раце.
По работилницата за самари, го посетивме чичко Арбен, чија куќа се наоѓаше во непосредна близина. Се смета за врвен занаетчија кој плете кошници од трска и ред други работи за покуќнина.
Не дека можев да научам нешто од еден час дружба со него, но барем човекот ме запозна со техниките на плетењето кошници, на оние наједноставните. Како за крај, неговата сопруга нè почести со највкусниот сок од малини што некогаш го имам пробано.
Агендата течеше според план. Излеговме од централниот дел на Пешкопеја и на некои десеттина минути возење се најдовме пред портите на тетка Лирија.
Живееше во своето семејство во една скромна куќа со простран двор и градина со секакво овошје и зеленчук. Беше од оние луѓе кои лесно може да се забележат дека се изложени на физичка работа и сонце.
Но, несебично почна да ни раскажува за билките кои ги има во планините наоколу. Посебно значење давајќи му на шафранот.
Не знаев дека ова растение е толку вреднувано во светото, а дека Албанија се води како една од државите што произведува шафран во значителна количина.
Ме фасцинира фактот што ова растение, од многумина наречено и како „црвено злато“ се собира само неколку дена во месец мај. И толку!
Веднаш си направив филм во глава како наредната година доаѓам повторно тука и како заедно со тетка Лирија одиме низ планини, собирајќи шафран. Пред да си заминеме си купив една мала ќесичка, лично да го испробам и да проверам зошто овој виолетов цвет се смета за една од најскапите билки во светот.
Ова автентично искуство само се надоврза на големата низа на доживување од претходните години.
Каде и да одам, секогаш се трудам да стапам во контакт со локалците и барем на кратко да ѕирнам во нивното секојдневие. Залудно не бирам да престојувам кај кауч-сурфери, наместо по хотели или апартмани. Ова е сè, само не класичен туризам.
Автор: Евгениј Хоуп / Фото: Кети Талевска