Евгениј Хоуп споделува: Дестинации низ Македонија за последниот викенд од септември
Гледам во календарот на моето работно биро и не ми се верува дека e крај на септември. Чекајте малку! Внимателно ги преиспитав датумите, мислејќи дека е некоја грешка. Но, само што се помирив со фактот, ме нападна нов бран на мисли – летото заврши.
Еве ја есента, ги пушти врвовите на своите корења во 2020 година со веќе подготвени сценарија. Не знам за вас, ама јас воопшто не сум подготвен да се препуштам на нијансите на жолто-портокалова боја, на сиво натежнатите облаци и дождливите денови.
Колку и да негодувам, на крајот од денот мора да ја прифатам реалноста. Можеби интензитетот на патувањата ќе се намали, ама нешто однатре ми вели дека во секоја погодна прилика ќе се истражува некое ново и претходно непознато место.
Во пресрет на последниот септемвриски викенд, според метеоролозите – сончев, наместо да седите дома, искористете го времето паметно и прошетајте на некоја интересна дестинација.
Во продолжение следуваат неколку предлози за оние што сè уште се мислат каде да одат:
Во југоисточниот дел од Македонија се наоѓа еден од највисоките водопади кај нас – Колешински водопад на надморска височина од 500 метри.
Уште траеше полициски час кога со неколку пријатели го посетивме 15-метарскиот водопад. Самото патување ми ги освежи спомените од екскурзијата од осмо одделение.
Кога веќе се наоѓате таму, може да тркнете и до Смоларски водопад. Ептен се блиску. Пред да си тргнеме дома се најадовме свинска пастрмајлија со кашкавал и габи. Во секој случај беше добро испланиран ден.
Кога ќе се најдеш пред бетонските букви со должина од 50 метри ќе се почувствуваш посебно, а додека го читаш натписот ќе сфатиш дека тоа е светото тројство: Холивуд, Боливуд и Глувовуд на Скопска Црна Гора.
Во непосредна близина на селото Глуво и црквата „Св. Атанасиј“ се наоѓа ова интересно место кое вреди да се посети барем еднаш во животот.
Многу професионални и аматерски планинари сакаат да се дочепкаат до најатрактивниот дел од Националниот парк Пелистер, а тоа е Големо Езеро на 2.218 метри надморска височина.
Ние кога бевме таму поставивме шатори во селото Нижополе во подножјето на ски-лифтот и рано наутро тргнавме да се искачуваме до Големо Езеро. Поради ограничено време не успеавме да го посетиме и Малото Езеро, но тоа останува за следна прилика.
Ако сакате да се најдете покрај некоја водена површина, а тоа да не биде преплавено со туристи, тогаш дајте му шанса на Отошничко Езеро во близина на село Отошница.
Лесно е за стигнување, има асфалтиран пат и ќе налетите на риболовци, кои по цел ден фаќаат риби. Околината е соодветна за пикник и кампување, со добро друштво и пиво може да си поминете одлично.
Можеби ќе ви звучи здодевно, но сè уште постојат луѓе што ја немаат посетено мегалитската опсерваторија Кокино. Барем јас лично имам одено седум-осум пати, но последниот беше врв.
Целото доживување беше поразлично. Да не должам, овој пат посетете го Кокино на зајдисонце и ќе се уверите дека„хоризонтот може да гори“.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело