Направете совршени фотки со сончогледи - каде има полиња најблиску до Скопје? (фото)
Многу сакам сончогледи. Има нешто посебно убаво кај овој цвет што ми носи радост и топлина на душава. Токму затоа, штом ги видов фотките со сончогледови полиња кај Ивана (инаку девојка која сака да прави убави фотографии, но и да биде дел од нив - можете да ги погледнете на нејзиниот Инстаграм профил), сметав дека локацијата е вредна да се сподели со сите вас.
Фотките се направени на полињата со сончогледи на патот од с. Ајватовци кон с. Дељадровци, општина Илинден.
Не можете да ги промашите бидејќи од двете страни на патот се протега бескрајно жолтило.
Во с. Ајватовци има и рекреативен центар каде може да уживате на чист воздух. Понесете со себе храна и пијалаци и искористете го денот во природа.
Доколку сте расположени за пешачење, може да се искачите до црквата Св. Петар и Павле. Храмот се наоѓа на Ајватовски Рид над самото село Ајватовци и до него води земјен пат.
Градбата од надвор е завршена, а во внатрешноста постои само иконостас и сè уште не е живописана.
Споделете со нас, каде на други локации во Македонија е идеално за фоткање сончогледи.
Е. П. | Црнобело / фото: Ивана Џаревска