На што НЕ треба да штедите кога патувате?
Патувањата се една од оние работи за кои одвојуваме пари, но нè прават побогати. Важно е во текот на животот да патуваме, без разлика дали тоа ќе биде на кратки релации или на подалечни места.
Обично за патувањата ни требаат повеќе пари, па кога ќе стигнеме на саканата дестинација се обидуваме да заштедиме на некои работи.
Но, некои работи се скапоцени и на нив вреди да потрошите некој денар повеќе:
Не штедете на искуство кое можете да го доживеете само во тоа место
Ако сте во Венеција, секако дека би сакале да се возите на гондола, а во Париз – да пробате вкусни француски кроасани со чоколадо. Иако овие работи се скапи, дозволете си го тоа искуство.
Можеби нема да имате друга шанса во животот да го доживеете тоа, па подоцна во животот ќе се каете ако не сте го направиле тоа.
Не штедете на работи кои ќе ви ги прошират хоризонтите
Влезниците во музеите и одредени историски места знаат да бидат навистина скапи, но тие искуства и сето она што ќе го дознаете и ќе го научите таму вредат за сите пари.
Не штедете на нешта од кои можете да научите и да си ги проширите хоризонтите. Познавањето на различни култури, традиции и истории ќе ве збогати и секогаш ќе ги имате тие сеќавања.
Не штедете кога знаете дека времето е пари
Можеби првичниот план ви бил да одберете автобус или да патувате со воз бидејќи е поевтино. Но, долгиот пат сигурно ќе ве измори и нема да имате доволно време да посетите сè што сте сакале.
Сигурно дека цената на билетот со воз или автобус е пониска од авионските билети или кафето во некое кафуле кое не е во центарот на градот чини помалку од кафулето на главниот плоштад, но долгиот пат ви го скратува времето, исто како што времето ви се скратува кога барате поевтино место за кафе или за јадење подалеку од центарот.
А уживањето дефинитивно ќе вреди за секој денар.
М. В. | Црнобело