Доволни ви се само 24 парчиња облека за да бидете тренди – предлог комбинации со нив (фото)
Сигурно сте забележале дека колку повеќе облека имате во вашиот гардеробер, толку е потешко да одлучите што ќе носите. Некогаш, пак, се чини како да немате ништо добро за носење.
Кога имате премногу облека, во разни бои и стилови, може да биде вистински предизвик да направите комбинација.
Но, ако купите само неколку парчиња кои лесно се комбинираат едни со други, дефинитивно нема да потрошите цела вечност барајќи ја совршената комбинација.
Погледнете кои се 24-те парчиња облека кои се сосема доволно за да изгледате тренди:
Маици, блузи, кошули
1. Маичката со кратки ракави и риги е класика и лесно ќе ја комбинирате со фармерки, здолништа и какви било еднобојни панталони.
2. Маичката со натпис или мал принт ќе ви помогне да ја освежите модната комбинација.
3. Белата кошула е незаменлива и е одлична и за прошетка, и за на работа.
4. Во топлите денови никогаш нема да погрешите со маичка или кошула на кратки ракави со цветен принт. Ова парче облека секогаш изгледа елегантно.
5. Црната маичка е одлична кога не сте сигурни што да облечете и можете да ја комбинирате со речиси сè.
Панталони
6. Тесните фармерки со темносина боја се одлични и за формални, и за лежерни комбинации.
7. Панталоните со неутрална боја лесно се комбинираат со други бои и принтови.
8. Црните фармерки, исто како темносините, се погодни за секоја пригода.
9. Фармерките со пошироки ногавици се голем хит, и тоа со причина. И овој модел изгледа добро во речиси секоја комбинација.
10. Шорцевите од тексас се незаменливи за топлите летни денови.
Фустани и здолништа
11. Сигурно претпоставивте – малиот црн фустан е најдоброто парче облека што можете да го купите. Ова е класика што никогаш не излегува од мода.
12. Истото важи и за белиот фустан, кој е одличен за потоплите денови.
13. Фустанот-кошула е одлично парче за во канцеларија, но и за дневно и ноќно излегување.
14. Миди здолништето ѝ стои одлично на секоја жена, без разлика на формата на телото. Притоа, изгледа одлично и со маички, и со кошули.
15. Здолништето од тексас повторно се врати на модната сцена и лесно се вклопува во секоја лежерна комбинација.
Чевли и додатоци
16. Ако се двоумите за патики, никогаш нема да погрешите со еднобојни старки.
17. За зимските месеци, високите чизми се секогаш одличен избор.
18. Марамите и шаловите ја освежуваат секоја модна комбинација. Сосема доволно е да имате еден шал и една марама.
19. Ништо не може да ги замени сандалите во лето. Најдобро е да купите модел со неутрална боја, што ќе можете да го комбинирате со сите бои.
Јакни, капути, палта
20. Мантилот стана задолжително парче облека во гардероберот на секоја жена и можете да го носите со скоро секоја комбинација.
21. За во зима најдобри се долгите капути со неутрална боја, кои исто така се комбинираат со речиси сè.
22. Црната јакна, особено кожената, е уште едно класично парче облека кое никогаш не излегува од мода.
23. За лежерни комбинации, тексас јакната е секогаш добар избор.
24. Црното сако е совршено за деловни комбинации и можете да го комбинирате со маички, џемпери, кошули…