„Сите ние сме ангели“ – мaнекенки со облини им одржаа лекција на Victoria’s Secret (фото)
За моделите чии димензии на телото ја надминуваат големината 36, светски познатиот бренд сѐ уште нема пронајдено место во своето модно шоу.
Проблемот со години ги вознемирува мноштво плус-сајз манекенки, кои се борат за еднаквост и претставување на убавината на различностите. Една од нив е и мошне популарната Робин Лавли, која се одлучи да направи порадикален чекор, приредувајќи контрашоу на улица во Лондон.
Во соработка со брендот за долна облека Simply Be, што специјализирано креира за девојки кои носат конфекциски броеви над 36, таа организираше протестна ревија. Паролата е: „We are all angels“, односно во превод на македонски јазик: „Сите ние сме ангели“ .
Кампањата со истиот назив е започната пред месец дена, а нејзината цел е да придонесе кон тоа одговорните лица во Victoria's Secret да им ги отворат своите врати на жените од сите величини.
Воедно има и хуманитарна мисија, па за секоја објавена фотографија на Инстаграм под хаштагот #WeAreAllAngels, на една бездомничка ќе ѝ биде дониран градник.
Ревијата и кампањата ги поделија мислењата на социјалните мрежи. Додека едни корисници го поддржуваат движењето и се залагаат за инклузивност, многумина од другата страна сметаат дека плус-сајз манекенките не се добар пример за младите девојки, бидејќи ги промовираат дебелината и нездравиот начин на живот.
На какво мислење сте вие по ова прашање? Недостасува ли модел со облини на модната писта на Victoria’s Secret?
М. А. | Црнобело