Дрес-код што мора да се почитува: Како да се облечете пристојно за венчавка?
Некои најосновни правила за вашиот изглед на нечија свадба веќе ви се јасни, особено дека не треба да носите бело и дека не е пожелно да ја засените невестата.
Но, како да бидете сигурни дека нема да згрешите со изборот на облека за на свадба?
1. Прашајте отворено дали постои дрес-код
Многу парови веќе имаат замисла како сакаат да изгледа нивната свадба, па затоа не двоумете се да ги прашате дали постои одреден дрес-код, уште во моментот кога ќе ја добиете поканата.
Најчесто младите оставаат гостите да изберат што ќе облечат, но доколку се случи да имаат одредена желба или свадбата да е тематска, тогаш пристојно е тоа да го испочитувате.
2. Елегантни коктел фустани
Елегантен и префинет крој со длабоки бои како што се морнарско сина, смарагдна, боја на црвено вино или деликатна жолта нијанса, без премногу детали. Избегнувајте животински принтови, особено ако се многу воочливи, а ако сакате цветен дезен, нека биде дискретен.
3. Пристојна должина на фустанот или здолништето
Должината на фустанот зависи од вашиот личен вкус, но секако е невкусно да се појавите со многу длабоко деколте и фустан со должина едвај педа под задникот. Најдобро би било да одберете должини кои се малку над колената или малку под колената. Не заборавајте дека свадбите се свеченост и дека треба да носите софистицирана облека, но немојте ниту да претерувате со модели кои наликуваат како балскиот фустан на Пепелашка.
4. Како да се облечете на неформален прием?
Некои парови одбираат да се венчаваат на плажи, во паркови, во шума или каде било во природата. Носете обувки соодветни на локацијата, а облеката во ваквите ситуации треба да ви биде удобна и лежерна. Никако не облекувајте чевли со висока и тенка потпетица.
Е. Д. | Црнобело