Како да изгледате свежо наутро?
Не е секогаш лесно наутро да изгледате свежо. Често пати се будиме со огромни подочници, сува кожа и масна коса. Сето ова укажува на фактот дека ни недостига сон.
Еве неколку трикови како да постигнеме свеж изглед секое утро.
Ладна вода
Најбрз начин за расонување е да се исплискаме со ладна вода. Ладната вода ги стеснува крвните садови, а тоа ќе ја направи вашата кожа помазна. Наутро нанесете и хидратантна крема која ќе помогне кожата да не се исуши во тек на денот. Наместо крема, можете да употребите и малку млеко и коцки лед со кои ќе го поминете лицето.
Ах, тие подочници!
Ако наутро се будите со потечени очи, користете креми кои содржат пептиди. Оставете ја кремата во тек на ноќта во фрижидер и наутро нанесете ја околу очите. За целосно решавање на проблемот со подочници, за жал нема совршено решение. Секогаш можете да ги покриете со пудра или коректор или извиткајте ги трепките и нагласете ги очите со добра маскара – тоа ќе ги отвори вашите очи и ќе го одвлече вниманието од подочниците.
Малку боја
Кожата наутро секогаш е побледа, па за да го освежите вашиот изглед, нанесете малку руменило во боја на праска и малку сјај за усни.
Утринска фризура
Ако не сте стигнале да ја измиете косата не време и таа е масна, нанесете малку беби пудра на коренот. Тоа ќе ја апсорбира маснотијата.