Лила во светкав фустан, Агнеса со гол стомак - Што облекоа гостите на Светски ромски бал 2025? (фото)
Свечени фустани за жените, впечатливи костуми за мажите... Како се дотераа гостите на Светски ромски бал 2025 во Скопје?
Вчеравечер (18.01) во хотелот Александар Палас по 45-ти пат се одржа традиционалниот Светски ромски бал.
Еден од највеселите настани во годината, чија цел е да ја промовира ромската култура и традиции, на едно место собра голем број гости, не само од Македонија, туку и од регионот, па и Германија, Швајцарија, од скандинавските земји, а имаше и гости од Америка.
Вечерта беше во знакот на одличната забава и настапите на некои од најголемите ромски ѕвезди, меѓу кои и легендарниот Муарем Сербезовски.
Сепак, во музичкиот дел, ѕвезда на вечерта беше Теа Таировиќ, која исто како и лани, направи вистинска фешта за гостите.
А меѓу гостите беа и луѓе од јавниот живот во земјава, кои, освен што цела вечер се забавуваа, се потрудија да го испочитуваат и дрес кодот на балот и да изгледаат впечатливо.
Лила Филиповска, која беше еден од водителите на Светскиот ромски бал, носеше проѕирен фустан со светки и зелени сандали - комбинација во која изгледаше одлично.
Инфлуенсерката Агнеса Органџиева за балот избра долг маслинест фустан со гол стомак, кој ја истакна нејзината фигура.
Во црн фустан со проѕирен плашт, златна чанта и црн дамски шешир се дотера Ана Бајрам.
Оваа година меѓу гостите беа и тројца наши модни дизајнери, чиј стил, исто така, не пројде незабележано.
Златко Јовановски се реши за костум со животински принт и црна кошула, а Malikowsky носеше црна комбинација со златен детаљ на една страна од палтото и златни ракавици.
Дизајнерот Филип Крстевски, пак, се реши за црни панталони и кошула, во комбинација со зелено палто, кое беше дополнето со украс на реверот во вид на пајак.