Панталони со кроп-топ и уште 2 матурски комбинации кои се во мода во 2023, според дизајнерката Ива Спасовска
„Оваа сезона се застапени материјали со дискретен декор од светки или благ и висок сјај на свила. Девојките за матурската вечер би требало да избегнат комерцијални парчиња и да се потрудат да изгледаат уникатно“, вели дизајнерката Ива Спасовска и откри кои се најголемите матурски трендови во 2023 година.
Македонската креаторка Ива Спасовска, веќе 11 години го има своето модно студио Iva Spasovska Atelier.
Освен што креира за невести, таа секоја година соработува и со матурантки кои сакаат да изгледаат уникатно и специфично за својата матурска прослава.
Таа за CRNOBELO.com, овојпат открива кои се најпопуларните матурски трендови за сезоната 2023, но и што треба да избегнува секоја матурантка ако сака да биде впечатлива, а сепак своја:
Кои беа топ 3 најголеми матурски трендови за оваа сезона?
Оваа сезона се застапени стабилни квалитетни материјали со дискретен декор од светки или благ и висок сјај на свила.
Па, кога би се поделиле во 3 групи, тоа би биле сирени со корсет, топ и панталони, и краток фустан богат со елементи.
Што треба матурантките да избегнуваат?
Искрено матурантките барем за таа вечер би требало да избегнат комерцијални парчиња и да се потрудат да изгледаат уникатно.
Се враќа ли ретро модата за матурите или сезонава се бираше нешто ново?
Дефинитивно ретро модата константно ротира, а сега е многу тренди ретро стилот.
Дали матурантките имаа специфични барања - знаат ли што сакаат или оставаат на тебе да им предложиш нешто? Колку се тешки за комуникација?
Iva Spasovska Atelier работи највеќе за невести и матурантки.
Повеќето од нашите клиентки точно знаат што сакаат и само им е потребен мојот финален совет за детали и избор на материјал, но имаме и специфични барања кои совршено ги владееме бидејќи точно знаеме што сака една жена и девојка за да се чувствува посебно.
Кога работата се сведува на жена со жена, нам ни е чест и задоволство што угодуваме максимално токму со комуникацијата која ни е клучна и секогаш успешна, па и исходот е секогаш позитивен.