Зошто е важно внимателно да го планирате вашиот буџет?
Проблемите со финансиите се еден од најголемите причинители на стрес, особено доколку располагате со ограничен буџет во текот на месецот. Често, кога ги имаме парите во поголема сума, не можеме да одолееме на искушението да си купиме нешто, што можеби во моментот и не ни е најпотребно.
Затоа и неретко се случува наместо парите да ги трошиме на она што ни е најнеопходно, кога ќе начекаме полн паричник, трошиме на она што го сакаме, макар тоа значело и да се издвои поголема сума за нешто што во моментот е практично луксуз.
Во овој маѓепсан круг, многу често попуштаат и најсилните врски, затоа застанете малку, направете список на она што најмногу ви е потребно во моментот и рационално распоредете ги парите. Ова важи и во кругот на семејството, но и кај паровите кои тукушто почнале со заеднички живот. Затоа е потребно да се планира секој денар, во буквална смисла на зборот.
Ви предлагаме да водите евиденција на сите месечни сметки, бидејќи на тој начин ќе имате претстава на што сè сте потрошиле пари во тој период. Сигурно е дека на овој начин ќе налетате и на некои работи на кои непланирано сте потрошиле поголема сума.
Доколку сте подолг период во „минус“ на вашата банкарска сметка, ви препорачуваме да си го „затегнете ременот“, барем на месец или два, за да успеете да се извлечете од непријатната финансиска состојба. Со правилно планирање на неопходните трошоци, многу полесно ќе успеете да заштедите и да имате некоја сума настрана, во популарно наречениот „фонд за црни денови“. Кога се во прашање финансиите, особено ограничените, практичноста е повеќе од неопходна. Пред непромислено да потрошите одреден износ, размислете дали ви се покриени редовните трошоци, кои треба да се приоритет во вашата финансиска организираност.
Е. Д. | Црнобело