10 причини зошто (скоро) сите кои ги познавате си ја мразат работата
Си ја мразиш работата? Па зошто не кажуваш? Постои група за поддршка за таквите. Се нарекува „СИТЕ“ а местото за собирање е кафеана.
Признајте, една од речениците кои постојано ги повторувате е „Ја мразам мојата работа“. Не е дека навистина сакате да се чувствувате така. Не би сакале ништо повеќе од тоа да си ја сакате и вистински да уживате во својата работа.
Но, самата работна позиција го прави ова невозможна мисија. Затоа сте принудени да си го истурате гневот и бесот со цел полесно да преживеете.
Кога некој ќе ве пресече со автомобилот во лентата или е безобразен кон вас во продавница, имате потреба да кажете некому, со цел да се чувствувате полесно и побрзо да го пребродите шокот.
Проблемите на работа не се ништо поинакви од ова. Имате чувство дека сите околу вас се соочуваат со овој проблем. Работата полека ве „убива“ и не само во метафоричка смисла на зборот.
Зошто (скоро) сите кои ги познавате си ја мразат работата? Ова се 10-те најчести причини:
Не ви е дозволено да бидете креативни
Скоро кај секого на работа постои една невидлива црвена линија која не смеете да ја поминете.
Не е важно што вие имате подобра и поефикасна идеја од онаа која строго мора да се следи во протоколот на извршување на задачите. Работите со луѓе кои ни најмалку не преземаат иницијатива, се плашат, шеф кој исто така нема разбирање, па и најмалата трошка креативност се задушува.
Никој не ве слуша
Исто како да сте невидливи на работното место. Никој не се обидува да ве сослуша, ниту да ве запраша каков коментар или сугестија имате во врска со одредени работи.
Не ви се допаѓаат колегите
Работната атмосфера е прилично битна работа (на работа), а неа во најголем дел ја креираат колегите. За жал, имате чувство како да живеете на две различни планети. Тешко е кога немаш ниту еден колега за помош, пријателство и поддршка на работа.
Не ви се допаѓа шефот
Се чудите како воопшто таков човек е назначен да делегира задачи и да менаџира цел тим. Не можете да го поднесете или пак имате кошмари во кои најчесто тој ја игра главната улога.
Ви создава дополнителен стрес и ве демотивира.
Досадно ви е
Ви се случило да задремете на работното место? Или да се исклучите за време на состанокот и да одлетате некаде со мислите? Ви се случило да сакате да си ги соберете работите и едноставно да излезете од канцеларијата, не вртејќи се никогаш наназад?
Не постои простор за флексибилност
Не можете да излезете на пауза. Не можете да јадете како човек, ниту да испиете едно кафе или да испушите макар една цигара на раат.
Не доаѓа предвид да излезете 10 минути порано за да стигнете на забар или на претставата во која игра вашето дете.
Се плашите да се разболите, бидејќи и користењето боледување претставува проблем кој подоцна ви се треска од главата.
Не правите никаква разлика
Што точно постигнувате на работа? Каква разлика правите во светот и во вашиот живот? Доколку не можете да наброите барем 3 корисни работи коишто сте ги постигнале, не е никакво чудо што си ја мразите работата која не дава никаков позитивен резултат.
Ве сметаат за заменливи
Колку пати досега ве предупредиле дека „Без секого се може?“ Имате чувство дека ако испратите странец наместо вас на работа нема никој да забележи?
Ужасно е да се живее со чувството дека никој не ве цени на работното место.
Не сте задоволни од платата
На крајот од денот, сите работиме за плата. Наспроти сите лоши аспекти на работата, кога барем платата е задоволувачка, успевате некако да замижите.
Но, кога платата е мала, мизерна, одвај ви стигнува од први до први, постојано доцни и не се покачила ниту еден денар во последните 10 години, тогаш чашката е прелеана.
Не ви се допаѓаат политиките на компанијата
Доколку компанијата каде што работите промовира правила, начела и политики кои воопшто не соодветствуваат со вашиот карактер, не е никакво чудо што сте исфрустрирани.
Се пронајдовте ли? Колкумина од вашите најблиски ги препознавте во текстот?
(О)Милена | Црнобело